Подглавна секција Руски танкер погоден со беспилотни летала во Керчкиот проток, нема повредени

Руски танкер погоден со беспилотни летала во Керчкиот проток, нема повредени

Пријавениот напад го запрел сообраќајот на Кримскиот мост за три часа. Мостот претставува стратешки автопат што го поврзува окупираниот Крим со руското копно

Керчки Проток / NASA, Public domain, via Wikimedia Commons

Руски танкер со 11 членови на екипаж бил погоден во Црното море, во напад за кој руските власти велат дека е извршен од Украина.

Моторната соба на бродот била оштетена во нападот што во текот на ноќта се случил кај теснецот Керч. Никој од членовите на екипажот не бил повреден, пренесува Би-би-си.

Украина јавно не ги коментираше обвинувањата, а извор на украинската безбедносна служба за Би-би-си изјавил дека било користено морско беспилотно летало.

Овој напад е втор за два дена со вакво оружје.

Пријавениот напад го запрел сообраќајот на Кримскиот мост за три часа, јави Гардијан. Мостот претставува стратешки автопат што го поврзува окупираниот Крим со руското копно.

Во меѓувреме, украинската заменик-министерка за одбрана Хана Малиар, при гостување на национална телевизија рече дека во Бахмут е во тек „исклучително жестока битка“, при што украинските власти напредувале „бавно, но самоуверено“ јужно од градот, обезбедувајќи контрола на позициите северно од него.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека нивните сили извршиле воздушни и артилериски напади врз клучното село Клишчиивка, јужно од Бахмут, пренесува Гардијан.

Украинската министерка Малиар на Телеграм напиша дека „непријателот очајно се обидува да ја запре нашата офанзива“.

Изминатава ноќ руските трупи со тешка артилерија ја нападнале и областа Никопол во Днипропетровск, објави украинската државна новинска агенција Укринформ.

Началникот на регионалната воена управа на Днипропетровск, Серхиј Лисак на Телеграм напиша дека агресорот истрелал десетици тешки артилериски гранати, но дека нема информации за жртви.