Свет Балкан Руски хакерски напад врз сајтови на бугарските државни институции

Руски хакерски напад врз сајтови на бугарските државни институции

Фото: Pete Linforth from Pixabay

Руски хакерски напад се случи вчера врз веб-страниците на бугарската влада, претседателот и Уставниот суд. Одговорноста за сајбер-нападот ја презеде руската група „KillNet“. Бугарскиот главен обвинител Иван Гешев изјави дека станува збор за напад врз бугарската држава, при што властите информираат дека веќе е откриено оти сајбер-нападот доаѓа од рускиот град Магнитогорск, јавува Дневник.бг.

Бугарските власти го оквалификуваа хакерскиот напад како сериозен проблем, додавајќи дека нападот првично почнал кон сајтот на претседателството, додека владините веб-страници се отворале, иако побавно од вообичаеното.

Сајбер-нападот на бугарските институции не влијаел на било каква содржина или лични податоци, информираа од бугарската влада. Тие додаваат дека хакерскиот напад е сопрен.

Инаку, бугарските владини веб-страници и системи имаат воведено заштита од хакерски напади во 2015 година, откако руски хакери ги погодија веб-страниците на ЦИК, Министерството за внатрешни работи и други институции за време на локалните избори, пренесува Гласот на Америка на македонски јазик.