Подглавна секција Руската пропаганда се обидува да ја дестабилизира Франција и да посее раздор...

Руската пропаганда се обидува да ја дестабилизира Франција и да посее раздор во НАТО и ЕУ

Покрај тековните цели на Кремљ за ширење дезинформации, постои долгогодишен, систематски напор во рускиот и европскиот информативен простор да се фрли сомнеж врз позицијата на Франција кај западните сојузници, како и да се дискредитираат професионалните и личните квалитети на претседателот Емануел Макрон

Фото: Tilemahos Efthimiadis/Flickr

Во јуни 2023 година Франција разобличи обемна руска кампања за дезинформации наречена „Надежни најнови вести“, според името на проруска веб-страница. Претходно уште во февруари француската влада предупреди за мрежа од околу 200 портали што координирано шират лажни вести за Франција, а трагите за сите овие кампањи водат до Москва. Генерално, од тие ресурси и извори се шират и дезинформациите за Франција на Балканот, а најчести теми на наративите се француските војници во Украина, протестите на земјоделците во Франција, ограничување на демократијата, ликот на претседателот Макрон, пишува „Вистиномер“.

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Франција беше и е една од главните цели на руските сајбер напади и кампањи за дезинформација оваа 2024 година, најмногу поради изборите за Европскиот парламент кои се одржаа во јуни, а потоа и консеквентно, поради тековната политичка криза од вонредните парламентарни избори што се одржаа во јули. Ако на ова се додаде и Олимпијадата, разбирливо е дека Франција стана многу погодна за обиди за дестабилизација на земјата, а со тоа и расцеп во ЕУ и НАТО.

Ова е заклучокот од анализите и на официјален Париз и на експерти кои го следат феноменот на засилена пропаганда и штетни влијанија што се со извориште во Москва.

Покрај тековните цели на Кремљ за ширење дезинформации, постои долгогодишен, систематски напор во рускиот и европскиот информативен простор да се фрли сомнеж врз позицијата на Франција кај западните сојузници, како и да се дискредитираат професионалните и личните квалитети на претседателот Емануел Макрон.

Соговорниците на Вистиномер потврдија дека Макрон е една од главните цели на пропагандата, пред сеè зашто се смета цврст и радикален непријател на Владимир Путин. Но, дел од соговорниците велат дека и тој самиот е виновен со „бизарните предлози“ за евентуално испраќање војници на ЕУ на територија на Украина, што не му ги прифатија ни Берлин, ни Лондон, ни Вашингтон, според професор Нано Ружин, поранешен амбасадор во НАТО и добар познавач на Франција,

Самата тактика за манипулација со информациите на Кремљ против Франција е очигледна – голем дел од вестите поврзани со Франција, а кои се објавуваат во руските медиуми се вистински, односно во нив се цитираат политичари (радикални во своите изјави) и се пренесуваат сигурни извори. Сепак, она што недостасува во тие вести е острината на позицијата што ја зазема Франција, со што се остава простор да се додаде наративот на Кремљ или да му се дозволи на читателот (консумент на пропагандата на Кремљ), сам да извлече заклучоци, но без сите влезни елементи, односно сите страни.

 

„НАДЕЖНИТЕ ВЕСТИ“ ДОАЃАЛЕ ОД КРЕМЉ

Во јуни 2023 година, Франција разобличи обемна руска кампања за дезинформации наречена „Надежни најнови вести“, според името на проруска веб-страница. Целта на оваа кампања, како што извести француската државна агенција Viginum, била да се подрие поддршката од Западот за Украина наменета за борба против странски дигитални вмешувања.

Според извештајот на агенцијата, кампањата се состоела во распространување на проруски содржини; имитирање на популарни француски медиуми како МондФигаро и Ле Паризиен, како и на владини веб-страници, вклучително и на оние на Министерството за европски и надворешни работи на Франција; создавање веб-страници за франкофонски вести со поларизирачки гледишта и координирање на лажни профили за распространување на креираните содржини.

Затоа и покрај блокирањето на Russia Today и Sputnik, медиуми финансирани од Кремљ, руски дезинформации уште се распространуваат во ЕУ и во самата Франција.

Францускиот министер за ЕУ, Жан-Ноел Баро во април 2024 година, предупреди на масовните кампањи за дезинформации кои доаѓаат од Русија:

Нѐ удира пропаганда од Русија на Владимир Путин, рече тој, истакнувајќи дека таа е таму за да ја наруши јавната дебата и да се меша во кампањата за европските избори.

 

МРЕЖАТА „ПОРТАЛ КОМБАТ“

Во февруари 2024 г, францускиот министер за надворешни работи Стефан Сежурне кажа дека дипломатските служби откриле огромна руска пропагандна мрежа позната како „Портал Комбат“, која шири проруски и антиукраински информации во Франција, Германија и Полска.

Мрежата од 193 веб-страници јасно претставува кампања за манипулирање со информации на дигитални платформи, во која се вклучени странски актери. Оваа кампања има за цел да ѝ наштети на Франција и нејзините интереси, беше наведено во тогашното соопштение за печатот на Министерството за надворешни работи, пренесе Еурактив.

Во соопштението на Министерството се презентира анализа потпишана од француската влада со наслов „Руски дезинформации: колку подобро ги разбереме, подобро ќе одговориме“.

 

ФРАНЦИЈА НЕ ИСПРАТИ ВОЈНИЦИ ВО УКРАИНА

Во последните неколку месеци, особено пролетоска, бран на дезинформации поврзани со Франција и Емануел Макрон се ширеше и во регионот. Појавата на ваквите содржини, како што можеше да се забележи, престана по завршувањето на изборите за Европскиот парламент.

Дел од овие дезинформации се однесуваа на војната во Украина, а во тој дел особено популарни беа дезинформациите поврзани со предлогот на Макрон за испраќање француски војници на фронтот во Украина.

На почетокот на мај оваа година, странски медиуми и медиуми во регионот објавија „вест“ дека Франција ја испратила војската на фронтот во Украина, потпирајќи се на тврдењата што Стивен Брајан, поранешен функционер на Пентагон, ги објави на својот блог на 3 мај.

Откако текстот на Брајан беше објавен од порталот Азија тајмс (медиум на англиски јазик со седиште во Хонг Конг), бројни медиуми ширум светот објавија текстови во кои не беше јасно назначено дека се работи за извештај од блог на поранешен американски функционер, во кој не се наведени (официјални) извори.

Веста беше пренесена во дел од медиумите во Србија, како на пример  Правда.рсПолитика и Борба, а дезинформацијата дека Франција испраќа своја војска во Украина беше пренесена и во некои македонски медиуми. Спорните тврдења се прелеаја на социјалните мрежи во вирални објави на Фејсбук во Србија и во Северна Македонија.

Ваквите дезинформации, како што забележа тимот на Вистиномер.мк, како и тимот на Истиномер.рс, ги шират приватни профили, односно лица од чиишто профили на Фејсбук е евидентно дека се поддржувачи на Русија, на Трамп и силно ја критикуваат западната демократија.

Како што објавија проверувачите на факти на Асошиејтед прес, француското Министерство за надворешни работи во соопштение на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер), посочи дека Франција не испратила трупи во Украина и дека станува збор за дезинформација. Во нивната информација се цитираат постови од 3 мај од блогот на Брајен, потсекретар во американското министерство за одбрана за време на администрацијата на Роналд Реган.

Во објавата на неговиот блог нема извор на којшто се атрибуира ваквото тврдење. Брајан потоа објави нов текст на својот блог каде признава дека „можеби згрешил“ за наводното испраќање на војници од страна на Франција во Украина. Најраните извори кои ги цитира Брајан за тоа дека „Франција испраќа трупи во Украина“ се од 12 април, односно тоа е текст од руски сајт за вести за војската. Но, на тој сајт пишува дека „информацијата ниту можат  да ја потврдат ниту да ја демантираат“, а потекнала од руски Телеграм канал на руски новинар кој кажал дека информацијата е непотврдена,  пишуваат проверувачите на факти на Асошиејтед прес.

Украинските медиуми го опишуваат Брајан како „руски пропагандист“, а во текстовите кои ги потпишува тој честопати користи антизападни наративи.

Францускиот претседател Макрон во интервју, два-три дена пред да се рашири дезинформацијата, изјави дека не ја исклучува можноста да испрати трупи во Украина. Но, Макрон досега не обзнани испраќање на какви било трупи од француската војска.

 

УКРАИНА НЕ МУ ГОТВЕШЕ АТЕНТАТ НА МАКРОН

Во март годинава се прошири и лажна вест дека францускиот претседател Макрон ја одложи посетата на Украина од причина што француските разузнавачки служби пресретнале информација за негов можен атентат. Ваква наводна вест беше пласирана преку дипфејк видео кое оставаше впечаток дека е емитувано на францускиот државен канал Франс 24.

На Балканот оваа вест брзо се прошири, па колегите од СловенијаБиХАлбанија и Црна Гора ги рецензираа објавите на оваа тема. „Од кого сѐ се плаши Макрон“ гласеше текстот на српскиот портал Политика објавен дури четири дена подоцна, a од Борба, напишаа:

Изданието [Франс24] забележува дека ликвидацијата на Макрон ја подготвил шефот на Главната разузнавачка управа на Министерството за одбрана на Украина, Кирил Буданов, по наредба на претседателот Володимир Зеленски.

Кај нас, со помалку тенденциозен наслов, веста за одложувањето на посетата ја објави Плусинфо, а на Фејсбук лажната вест за планираниот атентат продре преку профилот „Дали крајот вака мириса“, кој има редовни објави со „потпалувачки“ материјал. Објавата на Фејсбук, всушност, беше директно препишана и преведена од Х (поранешен Твитер), профилот на заменик-претседателот на рускиот Совет на безбедност, поранешниот претседател Дмитриј Медведев.

Бидејќи видеото беше направено да изгледа како да е вистински прилог од телевизиски вести на Франс 24, самата редакција ден по појавувањето на материјалот, на 15-ти февруари го дебанкираше лажното претставување на својот колега:

Виралното видео наводно прикажува клип од информативен канал на француски јазик FRANCE 24. Во него, водителот објавува дека францускиот претседател Емануел Макрон го одложил патувањето во Украина затоа што француските тајни служби пресретнале комуникација за обид за атентат врз него. Но, веста е лажна, а видеото е дипфејк, објави Франс 24.

Во текстуалната содржина, пак, е објавено и видео со детално објаснување како се лажирала снимката на телевизиската програма. Беше наведено дека е преземено од веста прочитана од водителот Џулиен Фанчиули, која била емитувана на 12 февруари. Сепак, гласовните и насловните ленти на екранот се променети.

На 14 февруари видеото се рашири на Х, на Телеграм и на руската социјална мрежа ВКонтакте. Истиот ден, видеото на руски портали се користеше како доказ за веродостојноста на информациите. А, во наредните денови се ширеа вести и објави на социјалните мрежи во поширокиот регион, секаде каде што претежно се шират про-руските наративи.

 

ЗЛОУПОТРЕБА НА ФРАНЦУСКОТО КОЛОНИЈАЛНО МИНАТО

Еден од често употребуваните наративи на Кремљ против Франција е злоупотребата на нејзиното колонијално минато и тоа преку дезинформации со кои се потсетува на таквото минато од една страна, а од друга страна се дезинформира на начин јавноста да се убеди како Франција сè уште да практикува колонијализам и како сè уште да ги искористува поранешните колонии од франкофонска Африка (кои одамна се независни држави), имплицирајќи и како тие да не сакаат да си имаат ништо со својот поранешен колонијален господар. Па, така, барем во С. Македонија ваквите дезинформации се ширеа наголемо на социјалните мрежи, при што Франција е лажно обвинета дека „присилува 14 африкански земји да плаќаат колонијален данок во вредност од 500 милијарди долари секоја година“ (не постои таков данок). Уште повеќе, сумата од 500 милијарди долари данок е комплетна измислица зашто сите тие земји заедно немаат толкав бруто домашен производ нагодишно ниво, а камоли да ѝ плаќаат толкав данок на Франција. Потоа се додава дека „Путин, од друга страна, им ги прости долговите на неколку африкански земји во вредност од над 20 милијарди долари“. Се разбира, објавата не кажува дека многу од тие долгови се стари со децении и речиси невозможно е да се наплатат. Додадете го фактот дека на Русија ѝ се потребни пријатели во ова време на санкции, како и нови африкански пазари за платениците на Вагнер да можат да ограбуваат природни богатства низ континентот додека ги поддржуваат диктаторите и сликата ќе стане целосна.

Русија преку своите платеници креира сериозна нестабилност во франкофонска Африка и активно работи на поддржување диктатори и креирање нестабилност за да го зголеми сопственото влијание, да го отстрани француското, а сè со цел Вагнер и другите платеници да можат да ги експлоатираат рудните богатства во овие земји, додека ги штитат диктаторите кои таквата експлоатација ја толерираат за што подолго да останат на власт.

Државниот удар во Нигер во 2023 година, на пример, беше искористен за ширење дезинформации во истата насока. Па, така, овде има обид да се произведе наводна хипокризија на Западот, заради воведувањето санкции врз Нигер после државниот удар, додека од друга страна „се кревало паника“ затоа што украинското жито било спречувано да се извезува на африканскиот континент, а со тоа и во Нигер, кога Русија ја започна агресијата врз Украина. Ваквата неумесна споредба е пропратена со историска колонијална карта на Африка, каде што Франција има проминентно место, особено во западниот дел на континентот. Но, никаде не се кажува дека со државниот удар се отстранети демократски избраните власти во Нигер и дека целта на санкциите е враќање и поддршка на легитимната влада избрана на избори, како и фактот дека не станува збор никакво „изгладнување до смрт“ на жителите на Нигер, како што се вели во дезинформацијата, туку за притисок врз генералите, кои насила ја презедоа власта со не толку скриена помош на Кремљ, односно на нивните платеници од африканската секција на Вагнер.

Дезинформациите во оваа насока продолжија, најавувајќи воена интервенција на Франција во Нигер (која никогаш не се случи) и тоа наводно заради ураниумот и златото кои ги произведува оваа африканска земја и кои, ете, Франција, сакала да ги задржи за себе. Но, никаде не се наведува дека количествата кои Франција ги увезува од Нигер се мали, како и фактот што во светот има многу други добавувачи на истите добра. Макрон е, се разбира, честа и најголема француска мета за ширење на ваквите наративи за наводното непријателство кое Африка го има против Франција, па неточно се тврди и дека бил нападнат со јајца за време на неговата посета во Египет. Египет, инаку, никогаш не бил француска колонија и се наоѓа на североистокот од Африка, но за пропагандистите доволен е фактот што станува збор за африканска земја. Во рамките на оваа пропагандна офанзива се ширеше и дезинформација за наводно изживување на Французи врз жители на Мали, но настанот нема врска ниту со Мали, ниту со Французи, туку се случува во Јужна Америка, поточно во Бразил и претставува некаков перформанс.

 

НАРАТИВ ЗА ЗАГРОЗЕНА ДЕМОКРАТИЈА И СЛОБОДА НА ГОВОР

Ширењето на наративот дека Франција е предводник во ЕУ за ограничување на слободата на говорот и попречување на демократијата на граѓаните, а која повторно избувна со апсењето на основачот и сопственик на Телеграм, Павел Дуров, всушност и не е така нов проруски наратив. Најмалку на два пати во последниве две години про-Кремљ дезинформации се проширија на темата загрозена демократија и слобода на говор, така што ова со Дуров и Телеграм е трет обид за ширење на ваквиот лажен наратив.

На почетокот на јули минатата година, во Нантер, предградие на Париз, почнаа немири откако полицијата фатално застрела 17-годишно момче по име Нахел, за време на сообраќајна контрола. Околу 40 илјади полициски службеници беа распоредени низ Париз за да ги стават под контрола протестите, а 700 демонстранти беа уапсени. Претседателот Емануел Макрон одржа состанок на 3 јули со претставници на парламентот. На интернет почна да се шири наводен документ, соопштение за јавност наводно издадено од француското Министерство за внатрешни работи, во кое пишува дека интернет услугите ќе бидат привремено суспендирани од 3 јули за време на ноќните часови во централните области за да се превенира злоупотреба на социјалните мрежи и онлајн платформите за да се координираат илегални акции и да се превенира насилство.

Ваквата дезинформација се проби и кај нас преку личен Фејсбук профил, кој нема оставено многу информации за сопственичката, но затоа редовно шири проруски наративи и дезинформации кои ги таргетираат НАТО и ЕУ и нивните партнери. Веста продре и во БиХ и таму со неа се занимаваа проверувачите на факти од Раскринкавање.ба.

Француската влада го демантираше  лажното соопштение. Како што објавија проверувачите на факти на Асошиејтед Прес, владата ја демантирала веродостојноста на наводното соопштение кое циркулираше онлајн и изјавила дека таква одлука за наводно исклучување на социјалните мрежи нема. На официјалниот Твитер на Министерството за внатрешни работи тоа соопштение е обележано како лажно.

Овој документ е лажен, нема таква одлука,се вели во твитот.

Макрон тогаш ги обвини социјалните мрежи дека одиграле значителна улога во охрабрувањето на негативните  дејства за време на немирите, кои наметнаа долги тензии меѓу полицијата и младите во земјата.

Големи платформи како Тик Ток и Снепчет треба да соработуваат со француските власти за да се смират насилствата кои избувна оваа недела по убиството на 17- годишно момче од страна на полицаец,рече Макрон.

Владата на Франција, како што извести Ројтерс, ќе работи со социјалните мрежи за повлекување на најсензитивните видови на содржини“ и бара компаниите на социјалните мрежи на француските власти да им ги откријат идентитетите  на „оние кои ги користат овие социјални мрежи за да повикуваат на нереди и да промовираат насилство“.

 

ДЕЗИНФОРМАЦИЈА ЗА ЗАБРАНЕТИ СОЦИЈАЛНИ МРЕЖИ ЗА ПОМЛАДИ ОД 18 ГОДИНИ

Во пресрет на европските избори, со цел да се рашири некаква слика дека во Франција има недостиг на демократија и слобода на говор, во медиумите и на социјалните мрежи кај нас и во регионот почнаа да се пробиваат дезинформации дека Макрон ќе ги и забрани социјалните мрежи или дека нивната употреба ќе биде забранета за Французите под 18 години.

Како што пишуваат проверувачите на факти Квинт, француските власти категорично ги отфрлаат невистините дека ќе има исклучување на интернетот во Франција. Како што се појаснува во Гардијан, Макрон предложил да се разговара за тоа како младите ги користат социјалните платформи, да се воведат некакви контроли за во иднина да се превенираат и спречат вакви настани.

Лажната вест дека Франција ќе ги забрани социјалните мрежи на крајот на мај се рашири и во Србија, но овојпат се манипулираше со извештајот на француските експерти за влијанието на изложеноста на младите на екраните (електронски уреди), што доведе до тоа да се дезинформира дека на Французите под 18 години ќе им биде забрането користењето на социјалните мрежи.

Одредени тамошни портали објавија текстови со наслови дека Макрон ги забранува социјалните мрежи, со коментар дека тоа е одраз на „слободата и демократијата во Франција“.

Извештајот на француската експертска комисија за влијанието на изложеноста на младите на екраните содржи препорака да се ограничи пристапот до социјалните мрежи за оние Французи помлади од 18 години, но временската рамка за усвојување на новиот закон сè уште не е утврдена, ниту пак, се знае до кој степен би се следеле препораките на експертите, пишува Истиномер.рс.

Извештајот Деца и екрани: Во потрага по изгубеното време, беше објавен на официјалната веб-страница на Елисејската палата на 30 април оваа година.

Претседателот на Републиката ги прими заклучоците на експертската комисија што ја именуваше на 10 јануари 2024 година и чија мисија ја презентираше на прес-конференција на 16 јануари. Оваа комисија има за цел да го процени влијанието на изложеноста на младите на екраните. По повеќе од три месеци работа, тие ги презентираа заклучоците од нивните извештаи на шефот на државатасоопштија од Елисејската палата.

Клучните препораки од извештајот на комисијата се децата да не смеат да имаат мобилни телефони пред да наполнат 11 години, да им се забрани пристапот до социјалните мрежи пред да наполнат 13 години и на возраст од 15 до 18 години пристапот до социјалните мрежи треба да биде „ограничен“ и дозволен само на оние со „етичко размислување“.

Во соопштението на Елисејската палата има и објава од Икс во која Макрон на 1 мај годинава напиша дека ѝ „дал на владата еден месец да ги разгледа препораките на експертите и да ги преточи во дело“.

Француската комисија (составена од 10 експерти од областите на неврологијата, психијатријата, образованието, правото и технологијата), ја разгледа научната литература, интервјуираше околу стотина експерти и практичари (вклучувајќи претставници на компаниите Google, Meta, TikTok, YouTube, Snapchat и Самсунг) и разговараше со 150 млади луѓе, објави Монд.

Како што може да се види, случајот со застреланото момче во сообраќајна контрола и анализата на државата за начините на употребата на интернет на лицата помлади од 18 години и покрај транспарентноста, беа искористени од злонамерната про-Кремљ пропаганда да се рашири дезинформацијата со наратив ограничување на слободата на говор и на демократијата генерално.

 

ДЕЗИНФОРМАЦИИ ЗА ПРОТЕСТИТЕ ВО ФРАНЦИЈА

Дезинформации се ширеа и во врска со разните протести кои се одржаа во Франција. Нив кај нас ги пласираа профили на социјалните мрежи поддржувачи на Русија и на политиките на Путин. Оваа објава, на пример, погрешно ги прикажа протестите во Париз во 2018 година во врска со прашањето за пензиската политика, како да се протести од јули 2023 година. Друга фотографија, всушност, слика од ТВ серија на Нетфликс, исто така, беше споделена како фотографија од протестот од јули 2023 година.  Оваа дезинформација се споделуваше и во Србија.

Виралната фотографија, според Истиномер, потекнува од Икс сметки коишто се верификувани на начин што нивните сопственици платиле месечна претплата на „Твитер Блу“ од осум долари. Една од таквите кориснички на Твитер тврдела дека на фотографијата се наоѓаат „мигранти од Блискиот Исток“ кои во текот на демонстрациите украле полициско возило.

Се манипулираше и со протестот на земјоделците. Па така, во Србија и БиХ во февруари 2024 година се ширеше видео за кое се тврдеше дека прикажува француски фармери како фрлаат ѓубре врз украинската амбасада.

Видеото беше претходно објавено на неколку руски Телеграм канали на 8 февруари. Иако не може со сигурност да се утврди кој е авторот на манипулираното видео, порталот EUvsDisinfo во анализа од 1 февруари наведува дека протестите на земјоделците во Европа станале една од главните теми на руските дезинформации во обид да се заострат воочените поделби меѓу „обичните луѓе“ и таканаречените „бриселски елити“.

Во Северна Македонија, пак, актуелни беа фотографиите креирани со вештачка интелигенција, кои прикажуваа, наводно, како француските земјоделци истурале бали сено пред Триумфалната порта и пред Ајфеловата кула во Париз. Фотографиите и во двата наврата беа споделени од профил на Фејсбук, кој е познат по споделување на фотографии креирани со вештачка интелигенција, некојпат дури и со цел да ја велича Русија.

Фотографиите кои наводно прикажуваа дека Ајфеловата кула е опколена со бали сено, беа споделувани и во БиХ за што пишуваа колегите од Раскринкавање.ба. Со тврдењата за автентичноста на фотографијата се занимаваа и Раскринкавање (.ме), Фактограф и Фулфакт.

Земјоделците во Франција навистина протестираат против предлозите на владата за промени во земјоделскиот сектор во земјата. Земјоделците беа вознемирени поради сè што се случува – од плановите за отплата на заемот до значително повисоката стапка на самоубиства кај француските фармери во споредба со општата популација. Цените на житото паднаа во земјата, што е еден од многуте други проблеми со кои се соочуваат земјоделците, појаснуваат од француската мрежа Франс 24.

Сите овие примери покажуваат како дезинформациите за Франција кои се креирани со про-Кремљ наративи кружат од исти блогови, портали или приватни профили на социјални мрежи низ голем дел од Западен Балкан, а всушност коренот им е во мрежите на проруски сајтови во Франција и Европа или пак преку Спутник, РТ, па и РИА Новости, кои многу широко се во употреба  како извори во голем дел од српските медиуми, а од таму и во соседните земји.

Макрон и Вучиќ во Белград, август 2024. Фото: Претседателство на Србија/Димитрије Голл

ПОСЕТАТА НА МАКРОН НА БЕЛГРАД ЈА СМЕНИ ПРОПАГАНДНАТА СЛИКА

Бидејќи Србија е значајно извориште за ширење на дезинформациите во регионот, а во контекст на Франција, не интересираше дали нешто се променило по неодамнешната посета на Макрон на Белград и затоплувањето на односите, особено по реализација на зделката за купување француски борбени авиони и друга воена опрема и оружје.

Никола Петровиќ, основач и директор на ИСАК фондацијата, тинк-тенк кој се занимава со надворешно-политики и безбедносни прашања, потврди дека има промена:

Медиумите во Србија, кои објавуваат про-Кремљ наративи и дезинформации, покрај оние што се во сопственост на Русија (како РТ или Спутник), се и или провладини или антивладини (најчесто десничарски), па од таму ова има значење за секоја кампања што ја водат, наведува Петровиќ.

„Во овој случај – предложеното зголемување на нивото на соработка на Франција и Србија, при што највидливи области на соработка се воените и нуклеарните енергетски аспекти, кај медиумите во Србија имаа за последица сосема различни ставови за тие случувања и за посетата на францускиот претседател Макрон на Србија: Владините медиуми сега избегнуваат какви било наративи и вести против Франција и Макрон, додека оние кои се против владата и медиумите во сопственост на Русија, ја зголемија својата антифранцуска и анти-макронска кампања, особено непосредно пред и по посетата на францускиот претседател“.

Според Петровиќ, „важно е да се забележи дека Франција обично не е во центарот на антизападните кампањи на Кремљ, кои вообичаено се насочени кон Велика Британија, Полска, Германија или САД“.

 

МАКРОН Е ЕДНА ОД ГЛАВНИТЕ ЦЕЛИ НА ПРОПАГАНДАТА ОД КРЕМЉ

Францускиот претседател Макрон е еден од целите на руската манипулација со информации од почетокот на руската војна во Украина, што е поврзано и со неговиот политички активизам во однос на Русија. Коментирајќи и толкувајќи ги неговите изјави и постапки, Кремљ активно се обидува да го дискредитира францускиот претседател.

Руските дезинформации и манипулации со информациите за Франција, нејзиниот лидер и надворешно-политичкиот став на земјата, се доказ за целта на Кремљ е да го подели единството на Западот во однос на поддршката за Украина, коментира Елина Вробјевска, истражувач во Центарот за источноевропски политички студии.

Според неа, Франција природно е посочена како главна цел на манипулација со информации, со оглед на нејзиното влијание во обликувањето на политичката агенда на НАТО и ЕУ.

Ненад Марковиќ, политолог, постар надворешен соработник и истражувач во Институт ПРЕСПА оценува дека една од причините за засиленото фокусирање со Макрон е и тоа што е ранлив во моментов:

„Макрон во овој момент е исклучително ранлив. Изборите во Франција покажаа дека е загрозен од обата конкурентски политички кампуси – оној на Ле Пен и оној на Меланшон. Од друга страна, тој беше долго време сметан како иден политички лидер на ЕУ, по повлекувањето на Ангела Меркел. Ова го прави идеална мета на руските хибридни операции кои имаат за цел да ја засилат поларизацијата во европските држави, секаде каде што за тоа ќе се пружи прилика и со тоа да предизвикаат колку е можно подлабок јаз и политички неприлики во политичката и општествена арена, вели Марковиќ.

Тој смета дека политичката криза ќе се одрази и на самата Франција и на цврстината на ЕУ и НАТО:

„Секако дека моќта во француското општество е дисперзирана во различни центри на моќ, многу повеќе од тоа што беше во периодот кога таа моќ суверено ја држеше во свои раце Емануел Макрон. Секоја понатамошна коалиција меѓу трите големи политички кампуси во Франција ќе биде непринципиелна и ќе се заснова на негативна солидарност против третиот кампус (најверојатно оној на Ле Пен). Тоа подразбира и потешко функционирање на политичката и општествената арена, што секако ќе се одрази на имиџот на Франција како лидер на ЕУ. На внатрешен план секако може да дојде до политичка анемија и „разводнување“ на политичката ситуација, но и до испраќање на Макрон во прерана политичка пензија. Ова не може да помине без поголеми политички последици и секако ќе предизвика вакуум на моќ и во самата Франција, но и во ЕУ и НАТО“, вели Марковиќ, кој до неодамна беше и член на Советот за безбедност на претходниот претседател Ставо Пендаровски.

 

ФРАНЦИЈА ВЕЌЕ НЕ Е ПРЕДВОДНИК, НО ОСТАНУВА ЦВРСТО ЗАД УКРАИНА

Професорот Нано Ружин, цитиран на почетокот на ова истражување, не е баш сигурен дека политичките последици во однос на надворешната политика би биле големи, иако е сигурен дека судбината на Макрон е веќе запечатена:

Сигурно е дека, како што истакнуваат и познатите аналитичари во Франција, Владата на Мишел Барније нема да биде влада потрчко на Макрон, којшто, инаку, цел живот настојуваше да направи таква влада којашто ќе биде во неговата функција, туку тоа е, би рекол, изнудено решение. Од причини што Макрон ќе настојува колку-толку, сепак да го спречи влијанието на новиот Народен фронт, којшто е поинаку е расположен во однос на војната во Украина. Оттаму сметаат дека Франција не смее да испраќа воопшто сили таму, но, исто така, има одредени сознанија дека Барније, иако нема слепо да ги следи антируските позиции на Макрон, тој на извесен начин ќе остане во фронтот за помош на Украина, но не во таа мера како што тоа го предвидуваше и ветуваше Макрон, вели Ружин.

За тоа како Кремљ се однесува кон Франција во кога станува збор за информативниот простор на глобално ниво и во регионот, споменатата Елина Вробјевска, истражувач во Центарот за источноевропски политички студии, вели:

Нивната стратегија изгледа како слабеење на „непријателот“ однатре, фрлање сомнеж врз политичката мотивација и позиција на Франција. Притоа, се доведува во прашање и личноста и рационалноста на лидерот, се (зло)употребува и надворешната политика на Кина, истовремено преплавувајќи го информативниот простор со контрадикторни наративи за сите поголеми проблеми во Франција