Македонија Руската амбасада тврди дека имало сквернавење на споменикот зад Универзална сала

Руската амбасада тврди дека имало сквернавење на споменикот зад Универзална сала

Фото: Амбасадата на РускатаФедерација во Република Северна Македонија

По веста која вчера ја објави Мета.мк за одбележувањето на Денот на победата над фашизмот – 9 Мај во организација на амбасадата на Руската Федерација, од амбасадата добивме фотографија на која, како што е наведено во дописот, се гледа сквернавењето на спомен-обележјето во чест на борците од антихитлеровата коалиција на улицата „9 Мај“ во Општината Центар.

За време на вчерашната церемонија, рускиот амбасадор Сергеј Баздникин рече дека војната со споменици се проширила и на македонско тло и обвини дека кукавици во текот на ноќта го осквернавиле руското спомен-обележје.

Тој, исто така, рече дека очекува полицијата да ги пронајде сторителите. Но, во дописот од руската амбасада не е наведено дали инцидентот го пријавиле во Министерството за внатрешни работи (МВР).

Мета.мк вчера во два наврати го контактираше МВР со прашања дали е пријавено дека имало сквернавење на рускиот споменик и дали е поведена истрага, но добивме негативен одговор. Односно од полицијата изјавија дека до моментот кога го испратиле одговорот во полициска станица нема пријава за ваков настан.

Рускиот амбасадор со пропаганда го одбележа Денот на победата над фашизмот во Скопје