Главна секција Русија и Белорусија ги продолжија воените вежби близу Украина

Русија и Белорусија ги продолжија воените вежби близу Украина

Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко и претседателот на Русија, Владимир Путин на прес-конференција, 18 февруари 2022 г. | Фото: Kremlin.ru, CC BY 4.0, Викимедија комонс

Русија и Белорусија ги продолжуваат воените вежби кои требаше да завршат денеска (недела 20.02.2022 г.), најави белорускиот министер за одбрана. Овој чекор дополнително го зголемува притисокот над Украина додека западните светски лидери предупредуваат на неизбежна руска воена инвазија, објави Ројтерс.

Белорускиот министер рече дека одлуката била донесена „во врска со зголемената воена активност близу надворешните граници“ на Русија и Белорусија, како и поради зголемените тензии во регионот Донбас во источна Украина.

Како што објави НАТО, Русија има до 30.000 војници во Белорусија и може да ги искористи како дел од воениот напад на Украина. Москва ги негира ваквите намери.

Британскиот премиер Борис Џонсон во интервју за БиБиСи кое беше објавено утрово, рече дека претседателот на Русија, Владимир Путин можеби не мисли логично па затоа заканата од санкции може да не е доволна да се спречи руската воена инвазија на Украина.

Санкциите „може да не се доволни да се спречи нерационален играч и во моментов мораме да прифатиме дека е можно Владимир Путин да не размислува логично за ова и не ја гледа катастрофата која претстои“, рече Џонсон за БиБиСи.