Подглавна секција Русија го бомбардираше Кијив

Русија го бомбардираше Кијив

Нападите почнаа утрово, забележани се најмалку две повредени лица

Фото: Francisco Anzola, CC BY 3.0, via Wikimedia Commons

Руските сили утрово го бомбардираа Кијив. Рушевините од зградите повредиле најмалку две лица, велат претставници од Украина, а пренесува Гардијан.

Според Ројтерс, украинските сили собориле дваесет руски ракети. Соседната Полска превентивно активираше свои авиони, како и авиони од НАТО.

Котларница во водоводна станица во Кијив била делумно оштетена, како и влезот на метростаница која служела и како засолниште од бомби во округот Свјатошински, соопшти  градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко. Метростаницата сè уште е во функција.

Истовремено, Украина продолжува со својата офанзива во Русија. Имено, таа изврши еден од најголемите напади со дронови врз Русија досега. Видеа од експлозии и пожари во електрани и рафинерии, вклучувајќи и во Москва, се ширеа по социјалните мрежи.

Но, нападот на Украина врз Русија има предизвикано дебата во Русија околу намалувањето на прагот за тоа кога е соодветен напад со нуклеарно оружје. Според сегашните нуклеарни политики на Русија, таа смее да употреби нуклеарно оружје во случај на нуклеарен напад од непријател или конвенционален напад што го загрозува постоењето на државата.