Македонија Ромите бараат да се повлече новиот правилник за социјална помош

Ромите бараат да се повлече новиот правилник за социјална помош

На денешниот протест пред Владата, Ромите побараа јавно извинување од Гордана Јанкулоска, министерката за внатрешни работи, по објавувањето на снимените разговори во кои се слуша како, за време на предизборната кампања, министерката предлага Ромите да се извадат на гласање така што ќе бидат влечени за уши, објави „А1 он“.

Акиф Кариман, од Здружението „Романо авази“, ѝ порача на министерката да се одважи, па макар и да негира дека тоа е нејзиниот глас на снимките.

– Очекувам министерката во најмала мера да се одважи за тоа што го слушнавме во објавените снимки. Па макар и да каже дека тоа не била таа – рече тој.

Ова здружение по марширањето од Топанско поле, до Владата достави барање за подобрување на условите во кои живеат Ромите. Тие бараат да се укине правилникот за социјална парична помош затоа што, како што велат, од оваа помош преживуваат голем број Роми.

– Верувам дека новиот правилник за социјална парична помош најскоро што може ќе биде укинат затоа што претставува најголем проблем за ромската заедница. Голем број Роми се корисници на социјална помош и нема како да преживеат затоа што помошта им е укината – рече Кариман.