Македонија Ристовски: Укинувањето на екстерното не е реформа туку е антиреформа

Ристовски: Укинувањето на екстерното не е реформа туку е антиреформа

Намерата на СДСМ да го укине екстерното тестирање не е реформа, туку антиреформа и претставува додворување на дел од родителите кои се третираат само како потенцијални гласачи, а не и како луѓе на кои државата треба да им обезбеди подобро образование за нивните деца и да бидат поуспешни во животот, изјави денеска Спиро Ристовски од ВМРО-ДПМНЕ.

– Екстерното тестирање е тестирање на реално стекнатото знаење. Тестирање на знаење кое постои во сите напредни земји и секаде, како и кај нас, претставува одреден стрес за ученикот, како што, впрочем, претставува секој тест, но тоа не е голгота туку неопходен дел од образовниот процес. ВМРО-ДПМНЕ го воведе екстерното тестирање како одговор на една појава која почна во периодот на транзицијата, а се манифестираше преку масовно пишување највисоки оценки без да се обезбеди дека ученикот има доволно стекнато знаење за таа оценка. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ секогаш бил дека целта на образованието не треба да бидат високи оценки и дипломи без знаење. Партиите не треба да се пазарат со овие приоритети и со спуштање на критериумите да се обидат да им се допаднат на родителите или учениците – вели Ристовски.

Ристовски нагласи дека една партија која се бори за подобра иднина на младите треба да биде подготвена и за реформи кои не се популарни.

– Реформи кои може да ѝ нанесат политичка штета, но долгорочно ќе создадат услови за високо образовани граѓани, кои со стекнатото знаење ќе си обезбедат поквалитетен, поудобен и побогат живот, но и исполнетост поради успесите базирани на знаење. СДС со планот за укинување на екстерното тестирање ја враќа назад Република Македонија – додаде Ристовски.