Свет Балкан Режимот на Додик под санкции и од Германија – прекината реализацијата на...

Режимот на Додик под санкции и од Германија – прекината реализацијата на четири проекти

Претседателот на опозициската Партија за демократски напредок, Бранислав Бореновиќ предупреди дека властите во Бања Лука се движат кон санкции, кои ќе ги погодат граѓаните и локалната заедница

Фото: Официјална веб-страница на претседателот на Република Српска https://www.predsjednikrs.net/ 31 март 2023

Германската амбасада во Босна и Херцеговина соопшти дека оваа земја ја прекинува реализацијата на четири проекти во Република Српска во вредност од 105 милиони евра. Опозицијата предупреди дека режимот на Милорад Додик ја носи Република Српска кон економски санкции, пишува белградскиот весник Данас.

Претседателот на опозициската Партија за демократски напредок, Бранислав Бореновиќ предупреди дека властите во Бања Лука се движат кон санкции, кои ќе ги погодат граѓаните и локалната заедница.

„Ова е една од ланчаните реакции. Најпрво неодамна од Брисел добивме информација дека од 600 милиони конвертибилни марки (н.з. повеќе од 300 милиони евра) неповратни средства наменети за БиХ ниедна марка нема да дојде во Република Српска. Сега и Германија трајно се повлекува од финансирањето на четири значајни проекти“, изјави Бореновиќ на денешната конференција за медиуми.

Тој предупреди дека дополнителна тежина на германската одлука е фактот што Германија е еден од најголемите надворешнотрговски партнери на Република Српска и на Босна и Херцеговина.

Опозицискиот лидер предупреди дека Република Српска е единствената во регионот, која е веќе под видливи санкции, а сето тоа покажува колку ситуацијата е сериозна и каде власта предводена од Милорад Додик и неговата партија ја води Република Српска.

Инаку, Германија соопшти дека ќе ја прекине реализација на четири големи проекти во Република Српска, кои подразбираа две фази од рехабилитацијата на хидроцентралата Требиње, изградбата на паркот со ветерници Хргуд и отстранување на отпадните води во Градишка.