Подглавна секција Француската републиканска партија сака да коалицира со крајнодесничарската партија на Ле Пен

Француската републиканска партија сака да коалицира со крајнодесничарската партија на Ле Пен

Парламентарната лидерка на крајнодесничарската партија „Национален собир“ ја поздрави најавата на претседателот на републиканската партијата Ерик Сиоти, но истата беше критикувана од други членови на партијата на Сиоти

Фото: Колаж од European People's Party и Kremlin.ru, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Ерик Сиоти, претседателот на популарната француска десно-ориентирана партија „Републиканците“, најави дека би коалицирал со крајнодесничарската партија „Национален собир“ на предвремените парламентарни избори на крајот на месецот, пренесува Гардијан.

Парламентарната лидерка на „Национален собир“, контроверзната Марин Ле Пен, која има претрпено два порази против претседателот Емануел Макрон на последните два претседателски избори, ја поздрави најавата на Сиоти, нарекувајќи ја „храбар потег“.

Жордан Бардела, претседателот на „Националниот собир“, потврди дека двете партии ќе коалицираат, велејќи дека „десетици“ кандидати од републиканската партија ќе бидат поддржани од „Националниот собир“.

Но, најавата на Сиоти предизвика бурни реакции од неговата матична партија, од која доаѓаат француските претседатели Жак Ширак и Никола Саркози.

Кратко откако Сиоти ја најави соработката со „Националниот собир“, тој наводно морал да помине низ толпа револтирани граѓани за да влезе во седиштето на „Републиканците“ во Париз.

Сиоти ја бранеше својата одлука, велејќи дека „Републиканците“, кој беа петти на скорешните избори за европски парламент, не се доволно силни да се изборат против „заканата на нацијата“ поставена од левичарските и центарско-ориентираните противкандидати.

Инаку, „Национален собир“ освои најмногу гласови на европските избори, со 31 отсто од гласовите. Токму овој резултат го поттикна францускиот претседател Емануел Макрон да распише предвремени парламентарни избори.