Македонија Регистрирани три пожари во Македонија

Регистрирани три пожари во Македонија

Пожари денеска се регистрирани во три дела на Македонија, соопшти Дирекцијата за заштита и за спасување (ДЗС).
Првиот пожар е регистриран над патот кон село Рашче во Општина Ѓорче Петров. Во гаснење на пожарот, кој зафатил нискостеблеста шума и трева, се ангажирани пет припадници од републичките сили за заштита и за спасување, едно противпожарно возило со тројца пожарникари, како и пет лица од шумското стопанство.

Вториот пожар е појавен кај село Крнино во Општина Чашка, а во неговото гасење учествуваат пет припадници од републичките сили за заштита и за спасување и 20 лица од шумското стопанство Бабуна-Велес.

Според податоците на ДЗС, пожар избувнал и кај местото Прентов Мост, во Општина Охрид. Екипите се на терен и успеале да го стават под контрола огнот, а се работи на елиминирање и на неколкуте преостанати жаришта.