Македонија Реформаторите во ВМРО-ДПМНЕ одржале работни состаноци во Брисел

Реформаторите во ВМРО-ДПМНЕ одржале работни состаноци во Брисел

Претставниците на внатрепартиската иницијатива за реформи во ВМРО-ДПМНЕ, Александар Михајлоски, Петар Богојески, Костадин Богданов и Драган Лазаров, одржале работни состаноци во Европскиот парламент и во Европската комисија во Брисел.

Оттаму информираат дека посетата на членовите на иницијативата овие два дена е продолжување на редовната комуникација со Брисел и континуитет на средбите кои биле остварени во септември.

Реформаторите се сретнале со европратеничката тројка за Македонија, Иво Вајгл, Кнут Флекенштајн и Едвард Кукан.

„На средбите беа истакнати заложбите за реформи и за демократизација на ВМРО-ДПМНЕ, како неопходен и незапирлив процес, особено по резултатите што ги оствари партијата на првиот круг од локалните избори. Истакната е обострана загриженост за падот на рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ и за стабилноста на опозицијата во Македонија. Заеднички заклучок е дека ВМРО-ДПМНЕ мора што поскоро да се реформира за да биде силна и конструктивна опозиција, која ќе биде коректор на власта, а воедно и ќе придонесува за политички консензус за напредок на Македонија по евроатлантскиот пат“, се вели во соопштението на внатрепартиската иницијатива за реформи во ВМРО-ДПМНЕ.

Во него се додава дека било нагласено дека реформите во ВМРО-ДПМНЕ треба да бидат суштински за да се воспостави вистинска внатрепартиска демократија и во таа насока, не треба да се импровизира со организирање на т.н. „приватен партиски конгрес“ по завршување на изборите, кој може да се одрази штетно, не само на партијата, туку и на демократијата во Македонија.