Главна секција Референдумот ќе се распише в понеделник, партиите без договор за прашањето

Референдумот ќе се распише в понеделник, партиите без договор за прашањето

Собраниската седница за распишување референдум нема да се закаже утре, туку в понеделник, одлучиле партиите по координацијата во Собрание.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери според законските рокови, ќе го закаже референдумот на 30 септември 2018 година, а до понеделник треба да се дефинира референдумското прашање. Средби помеѓу претставници од ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, за договор за прашањето, засега не се договорени за викендов, но ќе има консултации за составување на прашањето, велат од СДСМ.

Иако референдумското прашање уште не е дефинирано, сите досегашни излагања на премиерот алудираат на формулацијата „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција“.

На последната лидерска средба, опозицијата излезе со став дека нема да прифати референдумско прашање кое ќе има повеќе значења и одговори.

Референдумот ќе биде консултативен, бидејќи не станува тука збор за менување на државните граници или за стапување на Македонија во сојуз со други држави, за да биде задолжителен. Но, пред два дена премиерот Зоран Заев рече дека без оглед што е консултативен, волјата на граѓаните ќе се почитува.

Според она што го кажа Заев, ако мнозинството на консултативниот референдум се изјасни против договорот со Грција, нивната волја ќе се почитува, Договорот ќе пропадне, иако референдумот не е задолжителен.