Економија Порастот на БДП во првото тримесечје е 3,2 проценти

Порастот на БДП во првото тримесечје е 3,2 проценти

Според проценетите податоци на Државниот завод за статистика, стапката на пораст на домашниот бруто-производ (БДП) за првото тримесечје од 2015 година изнесува 3,2 проценти.

Во првото тримесечје од годинава, најголем пораст е забележан во секторите: стручни, научни и технички дејности; административни и помошни услужни дејности од 9,9 проценти, уметност, забава и рекреација; други услужни дејности; дејности на домаќинствата како работодавци; дејности на домаќинствата кои произведуваат разновидна стока и вршат различни услуги за сопствени потреби од 6,6 проценти; трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли; транспорт и складирање; објекти за сместување и сервисни дејности со храна од 6,3 проценти и финансиски дејности и дејности на осигурување од 6,2 проценти.

Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во првото тримесечје од 2015 година, номинално порасна за 1,6 отсто, а нејзиното учество во структурата на домашниот бруто-производ изнесуваше 69,6 проценти.

Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално се зголеми за 13,4 проценти, а увозот на стоки и на услуги забележа зголемување во номинален износ од 5,5 проценти.