Свет Расте бројот на жртви од силните бури што погодија неколку американски држави

Расте бројот на жртви од силните бури што погодија неколку американски држави

фото: Lucy Chian на Unsplash

Во тек е потрагата по преживеани во делови од шест американски држави опустошени од силните торнада во кои загинаа најмалку 94 лица. Десетици се водат како исчезнати, а цели градови беа уништени откако неколку разорни торнада го погодија централниот и јужниот дел на Соединетите Американски Држави (САД) во петокот и саботата, пренесува „Би-би-си“.

Американскиот претседател Џо Бајден прогласи состојба на катастрофа во Кентаки, најпогодената држава. Таму загинале 80 лица, од кои десетици во урната фабрика за свеќи, но бројот на загинати се очекува да се искачи над 100.

Десетици илјади луѓе во оваа сојузна американска држава останале без струја и вода. Во друг инцидент во Кентаки, воз излетал од шините за време на екстремните ветрови во округот Хопкинс. Еден вагон завршил на кров од куќа, но нема повредени.

Торнадата урнале и складиште на „Амазон“ во Едвардсвил, Илиноис, при што загинале шест лица. Полицијата соопшти дека сè уште не е познато колку работници се водат за исчезнати.

Основачот на „Амазон“, Џеф Безос, рече дека е со „скршено срце“ и вети поддршка и помош на заедницата.

Четири лица загинале во Тенеси, соопштија локалните власти. Две лица загинале во Арканзас, од кои едното во дом за стари лица што делумно се урнал. Еден смртен случај е потрден во Мисури.

Интензитетот на најновите бури покрена шпекулации за тоа колку торнадата се поттикнати од климатските промени, иако претседателот Бајден рече дека точното влијание сè уште не е јасно.

„Сите знаеме дека сè е поинтензивно кога климата се загрева“, рече Бајден.

Ваквите големи настани како торнадата надвор од пролетните и летните месеци се исклучително ретки, пишува „Би-би-си“.