Македонија Рангелова до Спасовски и до СДСМ: На 5 јуни народот ќе ви...

Рангелова до Спасовски и до СДСМ: На 5 јуни народот ќе ви покаже дека не ве трпи

Дали Едмонд Темелко, единствениот градоначалник Македонец надвор од земјава, е поголема безбедносна закана за Република Македонија од насилниците што вчера брутално го претепаа претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, прашува Даниела Рангелова, пратеничка и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПMНЕ.

Таа на денешната прес-конференција рече дека Оливер Спасовски, незаконски, без наредба на судот и во договор со Катица Јанева, наложил Едмонд Темелко да биде уапсен пред сопствените деца, заради невистинити, измислени и конструирани наводи на Специјалното јавно обвинителство.

„Оливер Спасовски веќе втор ден по претепувањето на Тодор Петров, се крие и не кажува зошто не ги уапси насилниците што го претепаа претседателот на СМК. Во својата изјава Петров јасно кажа и кој го нападнал и каде го нападнал и зошто го нападнал. За жал, тие што беа посочени од Тодор Петров и денеска слободно се шетаат, а полицијата нема наредба од Спасовски да ги уапси. МВР под Оливер Спасовски мора да престане да функционира само како партиски разгранок каде што генералниот  секретар на СДСМ ќе ги згрижува и унапредува партиските кадри и роднините на своите колешки. Оливер Спасовски мора да почне да го работи тоа за што е платен од граѓаните“, рече Рангелова.

Таа на Спасовски му порача дека граѓаните на 5 јуни, на демократски начин, со заокружување на гласачкото ливче,  ќе ѝ порачаат на партијата на Спасовски дека народот веќе не ги трпи.