Македонија Рамадани на Денот на НАТО: САД да ни помогнат да излеземе...

Рамадани на Денот на НАТО: САД да ни помогнат да излеземе од кризата

„Членството во НАТО бара коректност и политички дијалог од нашата земја во односот со НАТО, одговорно и посветено лидерство, донесување храбри одлуки. Ние имаме потреба од држава со поголеми слободи, каде ќе доминира владеењето на правото и на еднаквоста меѓу нашите граѓани“, истакна меѓу другото заменик-министерот за одбрана, Арбен Лабеништа, на денешната прес-конференција по повод 66-годишната од основањето на НАТО, односно Денот на НАТО, 4 април.

Прес-конференацијата ја отвори претседателот на Евроатлантсткиот совет на Македонија, Исмет Рамадани, кој се осврна и на актуелната политичка криза и во тој контекст цитираше дел од изјавата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенбег, на средбата со премиерот Никола Груевски, во врска со загриженоста за ситуацијата во земјата.

– Актуелната состојба, по аферата со прислушувањето, нè обврзува да побараме од политичките субјекти сериозност и посветен ангажман во нејзиното решавање. Бараме од САД да ни подадат рака и да ни помогнат да се извлечеме од кризата. Никој нема право на граѓаните да им ја загрозува перспективата за членство во НАТО – рече Исмет Рамадани.

На прес-конференцијата се обратија и капетанот Румен Радев, шеф на Канцеларијата на НАТО во Македонија, и Синан Ертај, заменик-амбасадор на Република Турција, кои се осврнаа на новите предизвици на Алијансата поврзани со украинската криза и со терористичките закани во Северна Африка и на Блискиот Исток.

Бизнисменот Трифун Костовски, кој е извршен директор на бизнис-клубот на Евроатлантскиот совет на Македонија (ЕАСМ), го истакна ефектот што членството во НАТО го носи на економиите на земјите-членки.