Македонија Рајчев останува обвинител во предметот за Марјан Стаменковски

Рајчев останува обвинител во предметот за Марјан Стаменковски

Стаменковски доби затворската казна од три години и еден месец поради пет кривични дела – две за ширење расистички и ксенофобичен материјал и по едно дело - уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба на лични податоци

Фото: Порталб

По обвинувањата од обвинетиот Марјан Стаменковски, сопственик на порталот „ДоказМ“, дека тој соработувал со обвинителот Сашо Рајчев од Вишото јавно, тој сепак останува обвинител во предметот за Стаменковски. Рајчев утрово се појави на јавната седница во Апелацискиот суд откако републичкото обвинителство донело такво решение, со оглед дека првиот човек на скопското Вишо јавно обвинителство Мустафа Хајрулахи, кој првично требаше да одлучи, се иззема од носење одлука поради тоа што Стаменковски го спомна неговото име.

Стаменковски, на 17 мај побара изземање на јавниот обвинител Сашо Рајчев од постапката.

„Барам да се изземе почитуваниот обвинител поради судир на интереси, бидејќи, според мои сигурни информации, лицето Сашо Рајчев има праќано информации кои што се дел од предметите за што ме судите, но и за предмети за кои претседателот на Вишото јавно обвинителство, Мустафа Хајрулахи, има барано извинување од мене, но и за други предмети“, рече Стаменковски.

Обвинителот Сашо Рајчев ги негираше тврдењата и рече оти не го познава Стаменковски.

Во Апелација денеска тој и Стаменковски со неговите адвокати ќе се произнесат за затворската казна од три години и еден месец што ја доби Стаменковски од Основниот кривичен суд, кој го прогласи за виновен за пет кривични дела – две за ширење расистички и ксенофобичен материјал и по едно дело – уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба на лични податоци.