Македонија Работните групи завршија без договор за медиумите

Работните групи завршија без договор за медиумите

Средбата на работните групи на партиите потписнички на Договорот од Пржино завршија без конкретен договор за медиумите.

Роберт Поповски од СДСМ вели дека денеска разговарале за агенцијата за медиуми, а дека повторно ќе се сретнат в понеделник.

– Денеска на работната група разговаравме за агенцијата за медиуми и само ние како учесници имавме доставено предлог како таа да функционира, па затоа средбата заврши без договор. В понеделник ќе продолжиме со состаноците – вели Поповски.

Претходно претставниците на медиумите и на новинарските здруженија во Клубот на пратеници имаа средба со белгискиот олеснувач Питер Ванхауте, на која го информирале за реформите што треба да се направат за да се подобри состојбата со медиумите.

Според Договорот од Пржино, законот за медиуми и сите други реформи во врска со медиумите треба да бидат договорени до 20 ноември.