Македонија Работилница за „Поттикнување на свеста во областа на кибернетичка одбрана на Балканот“

Работилница за „Поттикнување на свеста во областа на кибернетичка одбрана на Балканот“

Напредно-истражувачка работилница насловена „Поттикнување на свеста во областа на кибернетичката одбрана на Балканот“ ќе се одржи од денеска до 19 март во Скопје.

Работилницата е спонзорирана од програмата на НАТО, „Наука за мир и безбедност“, а ја реализираат Младинскиот клуб на Бугарскиот евроатлантски клуб и Истражувачкиот центар за безбедност, одбрана и мир од Македонија.

Главната цел на работилницата, како што соопштија организаторите, е да го зголемиме нивото на свеста во областа на кибернетичката безбедност и одбраната, како и значењето за создавање стратегија, рамки и агенции што ќе се справуваат со секојдневните закани во
кибернетичкиот простор во регионот.

Фокусот на работилницата се заеднички и познати кибернетички закани во Западен Балкан, важноста на тимовите за итен одговор и одговор на компјутерски инициденти, агенции, стратегии и рамки во областа на кибернетичката безбедност, како и комплексноста на хибридните војни, социјално-човечките фактори и постојните закани. Во тој контекст ќе биде презентиран балтичкиот пристап кон зголемување на кибернетичката свест.

Организаторите изразуваат надеж дека токму овој настан ќе биде иницијатива за формирање група за балканско-кибернетичка одбрана, чија главна цел ќе биде да споделува и да разменува знаења, експертизи и практика. Очекуваниот ефект е не само да се зголеми свеста кај власта, јавниот и кај приватниот сектор, туку и да има социјална намена, за корисници кои секојдневно ги користат услугите на кибернетичкото пространство.

Клучните предавачи и учесници на работилницата се од академските, државните, социјалните асоцијации и познати експерти од регионот и пошироко, со децениско искуство во областа на кибернетичка безбедност, кибернитичка војна и безбедност на информациите.