Uncategorized Пуштена во употреба детска градинка во Истибање

Пуштена во употреба детска градинка во Истибање

Во виничкото село Истибање е пуштена во употреба детска градинка во која за почеток ќе бидат згрижени 40 деца.

Градинката е сместена во просториите од некогашниот Дом на културата и во неа се инвестирани повеќе од четири милиони денари обезбедени од Министерството за труд и социјална политика.

– Изминатата година го отворивме првиот објект како резултат на инвестицијата на Министерствтото за труд и социјална политика во Трсино. По една година, се отвора и втор објект во уште едно рурално населено место. Со овој проект значително се зголемува капацитетот за згрижување и за воспитување на деца од предучилишна возраст. Имаме интензивна соработка со Општината во реализација и на други проекти и набргу во завршна фаза ќе биде реализацијата на проектот „Отворање на дневен центар за стари лица“ – изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Тој посочи дека изминатиот период интензивно се работи на зголемување и на проширување на капацитетите на детските градинки и, во тој контекст, истакна дека во Источна Македонија се градат градинки во општините Чешиново-Облешево, Карбинци, Оризари-Кочанско….

Според него, градинката во Истибање е десетта по ред што е пуштена во употреба годинава, а исто така отворени се и два центри за ран детски развој.

Спасов информира дека уште седум објекти за детски градинки се во завршна фаза и оти тие наскоро ќе бидат отворени.