Македонија Пуштен во употреба реконструираниот пат од Струга до преминот Ќафасан

Пуштен во употреба реконструираниот пат од Струга до преминот Ќафасан

Градежниот зафат чинеше скоро 8 милиони евра, а со неговото завршување ќе се подобри патната поврзаност меѓу Македонија и Албанија

Извор на фотографија: Влада на РСМ

Реконструираниот пат Подмоље-Струга-Ќафасан денеска беше пуштен во употреба. Градежниот зафат чинеше скоро 8 милиони евра, а со неговото завршување ќе се подобри патната поврзаност меѓу Македонија и Албанија.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска, заедно со првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и Ејуп Рустеми, директор на Јавното претпријатие за државни патишта, присуствуваа на пуштањето во употреба на патниот правец.

„Делницата Подмоље-Струга-Ќафасан има големи економски предности, отвора можности за трговија и инвестиции, отворање нови работни места и подобрена транспортна инфраструктура, што крајно позитивно влијае врз поттикнување на економскиот раст на двете држави. Државниот пат А2, се поврзува и со Коридорот 8, што е од клучно значење за поврзување на нашата земја не само со регионот, туку геостратешката позиција на Коридор 8, овозможува Северна Македонија да стане неизбежна транспортна рута со европските земји”, рече премиерот Ковачевски.

Директорот на ЈПДП Ејуп Рустеми, рече дека претпријатието ќе продолжи интензивно и посветено да работи на реализација на најголемиот инвестициски циклус во државата.

„Реализацијата на овој проект е пример дека може и треба да се гради според динамиката која претходно е воспоставена, односно може и ќе се гради навремено, брзо и квалитетно“, рече Рустеми.