Свет Европа Пукање во суд во Милано, убиени судијата и сведокот

Пукање во суд во Милано, убиени судијата и сведокот

Најмалку две лица се убиени, вклучувајќи еден судија, откако вооружено лице отвори оган во Палатата на правдата во Милано, соопштија властите, додавајќи дека осомничениот сè уште е на слобода.

Како што јавуваат италијанските медиуми, повикувајќи се на полициски извори, напаѓачот, наводно, е обвинет во случај за банкрот. Според обвинителите, напаѓачот убил две лица, а едно ранил. Осомничениот, идентификуван како Клаудио Џардиело, го застрелал сведокот во процесот, јавува весникот „Кориера дела сера“. Судијата што го водел случајот, Фернандо Чампи, е убиен за време на пукотницата, соопшти претседателот на Апелациониот суд во Милано, Џовани Канцио.

Инцидентот се случил во 11 часот наутро по локално време, кога сведоци, наводно, слушнале четири-пет истрели.

– Слушнав пукање и видов човек со крвави нозе. Се исплашив и побегнав – изјавил еден од сведоците за весникот „Ла република“.

Полицијата вели дека осомничениот веројатно сè уште се наоѓа во зградата. Палатата на правдата веднаш е евакуирана, а стотици луѓе се наоѓаат пред зградата. Осомничениот, наводно, се забарикадирал себеси на третиот кат од зградата.