Главна секција „Пуч“ повторно одложен: Заев ја признава само Катица Јанева

„Пуч“ повторно одложен: Заев ја признава само Катица Јанева

Рочиштето со кое официјално требаше да почне судскиот процес „Пуч“ денеска повторно се одложи, поради тоа што не беше присутен четвртообвинетиот, претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Адвоктот на одбраната, Филип Медарски, пред судот рече дека причина за денешното отсуство на Зоран Заев, и покрај примената покана, е тоа што според Законот за специјален обвинител, надлежноста за конкретниот предмет треба да ја преземе оваа нова институција.

– Од моментот кога во согласност со член 11, Специјалното обвинителство ќе ја преземе надлежноста, обвинетиот Зоран Заев ќе присуствува на секое закажано рочиште за овој предмет – изјави Медарски.

Конкретно за недоаѓањето на рочиштето, Медарски како причина ја наведе средбата што лидерот на СДСМ ја имал закажано со италијанскиот амбасадор.

Обвинителот за предметот, Златко Биковски, од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, во врска со изјавата на Медарски рече дека до овој момент нема измени во надлежноста по предметот „Пуч“, а дали и кога друг обвинител ќе побара преземање на предметот и која ќе биде неговата одлука, тој не може да каже.

Судот констатираше дека не се исполнети законските услови за одржување на рочиштето и го презакажа за 22 октомври во 10 часот.

Адвокатот на одбраната, Ване Андреев, за медиумите кратко изјави дека очекува Специјалниот обвинител по екипирањето официјално да го преземе предметот и да постапува по него. Тој очекува тоа да се случи до 22 октомври.