Хроника Провалници во домот на новинарот Томислав Кежаровски, сопругата со сомнеж за мотивите

Провалници во домот на новинарот Томислав Кежаровски, сопругата со сомнеж за мотивите

СВР Скопје денеска извести дека во 4 часот утринава „Т.К. од Скопје“ пријавил во Полициската станица Аеродром дека во текот на ноќта непознат сторител преку балконска врата влегол во неговата куќа на улица „Жорж Бизе“, при што направил претурање по собите и притоа одзел два лаптоп компјутери, два рачни часовника, една нараквица и еден мобилен телефон. Увидна екипа извршила увид на лице место и се работи на расчистување на случајот.

Како што извести Марина Кежаровска преку нејзиниот Фејсбук-профил, провалено било во нивниот дом и притоа меѓу многуте предмети вредни за земање, се украдени само двата лаптопи на познатиот новинар Томислав Кежаровски и негов мобилен телефон, а други такви уреди биле оставени. Таа се сомнева дека не станува збор за класична провала, туку за обид да се дојде до материјали на нејзиниот сопруг.

„Двата лаптопа на Томче се земени, мобилен со германскиот број е земен, а другите постарите не се земени. Таблет не, компјутерот на ќерка ми не, погодете сами што барале. Во собата на ќерка ми само претурале, одземени се два часовиници и две ланчиња. Од мене земен е часовник и алка. Грабеж ама и не треба да личи многу на грабеж, нели?“, напиша на Фејсбук Марина Кежаровска.