Македонија Пронајдени се двете исчезнати малолетнички по кои се трагаше два дена

Пронајдени се двете исчезнати малолетнички по кои се трагаше два дена

Девојчињата биле забележани кај продажен објект во паркот. По документирање на случајот, малолетничките ќе бидат предадени на родителите

Фото: Министерство за внатрешни работи

Полицијата ги пронајде двете малолетнички по кои се трагаше од четвртокот и за кои на социјалните мрежи масовно се споделуваа повици.

Тинејџерките биле пронајдени попладнево на подрачјето на Бит Пазар од страна на полициски службеници од тамошната полициска станица. Девојчињата биле забележани кај продажен објект во паркот.

„Денеска (01.04.2023) во 13.30 часот на ул. „Џон Кенеди“, кај продажен објект во паркот, од страна на полициски службеници од Полициска станица Бит Пазар пронајдени се малолетничките М.К.(15) и А.А.(12), за кои на 30.03.2023 во вечерните часови беше пријавено дека се оддалечиле“, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Од МВР додаваат дека по документирање на случајот, малолетничките ќе бидат предадени на родителите.

По двете девојчиња, од кои едната има 12, а другата 15 години, се трагаше два дена, откако таткото на помалото девојче во четвртокот ја пријави за исчезната.