Хроника Пронајдени двајца мртви мажи во Скопје, едниот бил во трафостаница

Пронајдени двајца мртви мажи во Скопје, едниот бил во трафостаница

Две мртви машки тела се пронајдени вчера во Скопје, од кои едното е на засега непознато лице, а било пронајдено во трафостаница, извести СВР Скопје.

Имено, вчера вработен во „ЕВН Македонија“ пријавил во полиција дека во подземна вклучена 10-киловолтна трафостаница, лоцирана во непосредна близина на Македонска опера и балет, пронашол безживотно тело на непознато машко лице.

Екипа на брза помош констатирала смрт, а увид извршиле јавен обвинител и увидна екипа на СВР Скопје. По наредба на јавен обвинител, телото на починатото лице е предадено во Институтот за судска медицина и за криминалистика за обдукција.

СВР Скопје вели дека се преземаат мерки  за утврдување на идентитетот на починатиот и за целосно расчистување на случајот.

Вториот случај бил пријавен вчера попладне, при што пријавувачот кажал дека пронашол починато лице во објект во изградба на улицата Сава Ковачевиќ. Смртта ја констатирала екипа на брза помош, а увидна екипа на СВР Скопје утврдила дека се работи за Г.Б. (27) од Скопје. По наредба на јавен обвинител на телото на починатиот ќе се врши обдукција.