Хроника Пронајдена дрога кај скопјанец што управувал возило на агенцијата СГС

Пронајдена дрога кај скопјанец што управувал возило на агенцијата СГС

Екипа на полициската единица „Алфа“, пред десетина дена, при претрес на 22-годишен скопјанец, кој управувал возило, сопственост на агенцијата за обезбедување „Секјурити груп сервис“ (СГС), пронашла и запленила околу 3 грама амфетамин и помало количество марихуана, информираат од МВР.

Секторот за внатрешни работи Скопје деновиве поднел кривична пријава против 22-годишниот Е.Ш., според која тој се товари за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.

На 17 февруари 2016 година, од полициски службеници од Единицата за прв одговор и интервенција – Алфа, околу 9.30 часот во село Визбегово било сопрено патничко моторно возило „форд фиеста“, со скопски регистарски ознаки, сопственост на агенцијата СГС, а управувано од пријавениот. Од извршениот преглед над истиот, пронајдени биле две кесички со непозната растителна материја и една зипер-кесичка со непозната прашкаста материја. По извршеното вештачење било утврдено дека прашкастата материја е психотропна супстанција амфетамин, со нето-маса од 2,55 грама, додека растителната материја е наркотична дрога марихауана со нето-маса од 0,27 грама и мешавина од тутун и од марихуана со нето-маса 0,42 грама“, стои во информацијата за случајот во дневниот билтен на настани на МВР.

Оттаму додаваат дека против осомничениот Е.Ш. во 2009 година била поднесена една кривична пријава за тешка кражба.