Македонија Промовирани новите полициски службеници, генерација 2023-2024

Промовирани новите полициски службеници, генерација 2023-2024

Се одржа пригодна церемонија по повод свечената Промоција на нови полициски службеници - генерација 2023-2024 година, во Центарот за обука на МВР во Идризово, на која покрај раководството на МВР, присуствуваа и Премиерот на РСМ Талат Џафери и претставници на дипломатскиот кор во земјата

Фото: МВР

Денеска се одржа пригодна церемонија по повод свечената Промоција на нови полициски службеници – генерација 2023-2024 година, во Центарот за обука на МВР во Идризово, на која покрај раководството на МВР, присуствуваа и Премиерот на РСМ Талат Џафери и претставници на дипломатскиот кор во земјата.

„Ви посакувам да бидете непоколебливи во безусловното исполнување на нормираните должности и етичките вредности потврдени низ традицијата и опстојувањето на нашиот народ. Впрочем, вам треба да ви биде јасно дека граѓаните токму тоа го очекуваат од вас, но и од сите нас. Особено што сум уверен дека македонската полиција, има потенцијал, пред сè човечки, за натамошно справување со сите предизвици и закани во име на целосното воспоставување на современи демократски и професионални стандарди на работење“, истакна министерот Тошковски.

Фото: МВР

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев во своето обраќање потенцираше дека полициската професија секојдневно е исправена пред многу предизвици на кои полициските службеници треба веднаш да одговорат согласно законските прописи, но истовремено претставува благороден животен пат достоен за гордост и почит со секој постигнат резултат како сервис на граѓаните, со секој успешен подвиг како гарант на безбедноста.

„Патот на создавање добар полициски службеник бара посветеност, одговорно и домаќинско работење. Ние како раководство на МВР сме тука да ги обезбедиме сите потребни ресурси и поддршка да ви овозможиме сè што е потребно за достоинствено извршување на вашите работни задачи, а ваша должност како идни колеги и вработени во МВР, ќе биде да се грижите за безбедноста на сите граѓани и државата“, рече Бојмацлиев.

Тој рече дека се реконструирани 82 на МВР ширум државата, во кои се имплементини и мерки за енергетска ефикасност, а покрај ова, инвестирани се 10 милиони евра во нови униформи за секоја организациона единица.

Фото: МВР

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери во своето обраќање ги охрабри новите полициски службеници да бидат чесни и посветени во спроведувањето на своите должности кон граѓаните и горди на својата работа.

„Сите граѓани се еднакво исти пред законот и имаат еднакво исто право на безбедност. Како идни полициски службеници, очекувам преку сопственото поведение и труд да покажете дека, полицијата како институција е професионална, и успешно ги остварува своите законски надлежности и задачи“, истакна премиерот Џафери.

Помошник министерот на Центарот за обука, Сузе Трајковска информираше дека основната обука за полицаец започна на 23 април 2023 година, со вкупно 538 кандидати, а денес, обуката успешно ја завршуваат 508 кандидати, 416 од машки пол и 92 од женски со среден успех на генерацијата од 541 бодови од можни 600.

На церемонијата беа доделени плакети за 16 најдобри тимови од оваа генерација, а за најдобар од генерацијата 2023/2024 беше прогласен Андреј Тодороски, на кого му беше доделена свечена плакета од претседателот на Владата, а доби и пригоден подарок од Македонскиот полициски синдикат, по што сите кандидати за полициски службеници од генерацијата 2023-2024 дадоа свечена изјава.