Дописници Промоција на Охрид и на Преспа како биосферна туристичка дестинација

Промоција на Охрид и на Преспа како биосферна туристичка дестинација

На последниот работен ден од Светскиот конгрес на биосферни резервати во Лима, учесниците ги одобрија декларацијата и акцискиот план од Лима, за периодот 2016-2025 година.

– Придобивката од новиот акционен план од Лима е можноста за користење искуства, но и за финансиска поддршка за изготвување на управувачки план за Охрид – Преспа и за негова промоција како биосферна туристичка дестинација што е тренд. Од тој пристап корист ќе имаат сите локални заедници. Се надевам дека конечно ќе ги фатиме светските еколошки, економски и социјални процеси за развој на вакви подрачја – вели Дејан Пановски од Министерството за животна средина и просторно планирање, кој беше учесник и претставник на Република Македонија на светскиот собир.

Главната мисија во наредното десетлетие ќе бидат развој и зајакнување на модели за одржлив развој во биосферните резервати, комуникација за искуствата и поддршка на стратегии и планови за развој.

Акциониот план содржи пет теми на активности: промоција на биосферните резервати како сервис за екосистемите и за развојот, соработка и вмрежување на биосферните резервати, партнерство за одржливи фондови за развивање планови, размена на информации и податоци и ефективно управување.