Македонија Променливо облачно и студено, во Маврово измерени минус 21 степен

Променливо облачно и студено, во Маврово измерени минус 21 степен

Времето денеска ќе биде променливо облачно и понатаму многу студено со услови за повремено провејување на слаб снег од вечерните часови.

Минималната утринска температура ќе се спушти до минус 24 Целзиусови степени, а дневната ќе достигне до минус 4 степени.

Во Скопје и во околината се очекува слично време со минимална температура од минус 16 Целзиусови степени степени, а максималната до минус 8 степени.

Утринава најстудено е во Маврово, каде се измерени минус 21 степен, минус 20 се измерени во Битола, Тетово и во Лазарополе, минус 19 во Крушево, минус 18 во Дебар и во Прилеп, минус 17 во Пожаране и во Куманово, минус 16 во Крива Паланка, Берово и во Ѓуриште, минус 15 во Тополчани и во скопски Петровец, минус 14 во Охрид, Виница и во Претор, минус 12 во Скопје, минус 11 во Штип, минус 10 во Демир Капија и во Струмица, минус 8 во Дојран и минус 7 во Гевгелија, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

Висината на снежната покривка утрово во 8 часот изнесува 7 сантиметри во Демир Капија, 8 во Скопје, 9 во Струмица, 10 во Прилеп и во Виница, 11 во Охрид, 14 во Штип, 15 во Битола, 19 во Крива Паланка, 20 во Ѓуриште, 22 во Крушево, 26 во Тетово, 27 во Берово и во Дебар, 35 во Тополчани, 45 во Лазарополе, 52 во Пожаране и 64 сантиметри во Маврово.

И утре се очекуваат повремени врнежи од снег и сè уште ќе дува северен ветер, но ќе биде послаб. В среда и в четврток ќе преовладува променливо облачно време и ќе почне постепен пораст на температурата.

На крајот на работната недела краткотрајно ќе дува јужен ветер и со позначителен пораст на температурата на воздухот од запад ќе почнат нови преодни врнежи кои на југот од земјата ќе бидат од дожд.