Македонија Професорите и студентите „го погребаа“ високото образование

Професорите и студентите „го погребаа“ високото образование

Околу 150 професори, студенти и граѓани кои ги поддржуваат, со свеќи в раце, се собраа вечерва пред Собранието за да го „погребат“ високото образование. Погребот на високото образование почна половина час откако пратениците во Собранието ги усвоија измените во Законот за високо образование.

Пленумци велат дека одлуката погребот на високото образование да го одржат пред Собранието има симболика затоа што оваа институција останала глува на нивните барања да изработи нов системски закон.

На тревникот пред законодавниот дом, професорите поставија некролози на високото образование, крст и свеќи.

– Сметаме дека ова е израз на невидена дрскост, на непочитување на барањата на академската заедница и на студентите, кои неколкупати масовно излегоа на улиците со барање овој закон да биде повлечен. Сега се чека претседателот на државата да не го потпише указот за прогласување на овој Закон – рече Иван Николовски, студент на Правниот факултет.