Економија Проекцијата на Народната банка за годинешната инфлација скокна од 2,2 на 3,1...

Проекцијата на Народната банка за годинешната инфлација скокна од 2,2 на 3,1 проценти

Фото: Архива на Мета.мк

Најавите за зголемување на процентот на инфлација се остварија на најновата седница на Советот на Народната банка, на која бил разгледан и усвоен најновиот Квартален извештај за макроекономските проекции. Наместо досегашната проекција од 2,2 проценти, ревидирана е стапката на инфлација на 3,1 проценти до крајот на годинава, информираат од Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ).

Тие велат дека инфлацијата е во контролирани рамки, односно проекциите упатуваат на умерена инфлација до крајот на 2021 година.

„Најголемиот дел од тековните нагорни притисоци се должат на фактори на страната на понудата, поврзани со движењата на цените на примарните производи на светските берзи, со пренесениот ефект од минатогодишното зголемување на цените од регулаторна природа, како и од одредени фактори специфични за пандемиската криза, а во услови на олабавување на рестриктивните мерки“, велат од НБРСМ.

Веќе во 2022 година се очекува нормализација на овие фактори и забавување на инфлацијата, при што истата би се свела на 2,4 отсто, а потоа постепено на околу 2 отсто на среден рок.

Истовремено, не се очекуваат позначителни пренесени ефекти од моменталниот раст на цените, со оглед на оцените за умерено закрепнување на побарувачката, велат од НБРСМ.

Од централната банка велат дека оваа и следната година економската активност ќе расте со идентична стапка на раст од 3,9 отсто и постепено ќе достигне стапка од 4 отсто, на среден рок. Во целиот период на проекциите, се очекува дека растот и натаму ќе произлегува од домашната побарувачка, додека нето-извозот ќе има негативен придонес кон растот во периодот на проекции.

НБРСМ додава дека показателите за адекватноста на девизните резерви упатуваат на нивно задржување во сигурната зона во текот на целиот период на проекции, што дополнително упатува на стабилноста на домашната валута – денарот.

Кредитната активност на банкарскиот систем и натаму е еден од важните фактори за поддршка на економскиот раст. Во периодот на проекции се очекува солиден кредитен раст, којшто оваа година ќе изнесува 7,1 отсто и постепено ќе забрза, достигнувајќи околу 8 отсто на среден рок.