Дописници Продолжуваат рестрикциите за вода во Тетово

Продолжуваат рестрикциите за вода во Тетово

Рестрикциите за вода во Тетово продолжуваат. Обилниот дожд кој заврна изминатите денови не успеа значително да ја поправи хидролошката состојба во реонот. Стабилизацијата на времето и остуството на дожд, како најава на метеоролозите за следниот период, ги уриваат надежите за прекин на рестрикциите.

Низ чешмите на тетовци во едно деноноќие вкупно шест и пол часа не протекува вода. Како што појасни раководителот на работната единица за водовод и канализација при ЈКП – Тетово, Сабедин Абедини, во моментот протекот на вода е 230 литри во секунда со дополнителни 70 литри што се обезбедуваат од бунарите. Активирани се четири бунари.

Рестрикциите на вода се спроведуваат двапати во 24 часа. Првиот рестрикционен период трае три часа од 17 до 20 часот, а вториот е за половина час подолг и трае од 1 часот по полноќ до 4,30 часот. Во одредени тетовски населби од стариот дел на градот, вода има само неколку часа во текот на денот.

Од ЈКП – Тетово бараат разбирање од граѓаните, а исто така апелираат за рационално трошење на водата за пиење, односно да не се употребува за миење јавни простори, улици, тротоари и дворни места.