Рано изутринава продолжи потрагата по остатоците од авионот „ербас А320“ на германската авиокомпанија „Џерманвингс“, кој вчера се урна на француските Алпи.
Француските власти соопштија дека поради непристапноста на теренот, ќе им бидат потребни неколку дена за да ги пронајдат телата.
– Црната кутија, која вчера е пронајдена, би требало да открие повеќе детали за падот на авионот. Станува збор за црната кутија која ги бележи разговорите во пилотската кабина. Таа е делумно оштетена, но без разлика на тоа ќе биде корисен извор на информации – соопшти францускиот министер за внатрешни работи, Бернар Казнев.
What happened to #Germanwings Flight 9525? Your #5Things and more on @NewDay 6am ET: http://t.co/3wCFF8BleT @CNN pic.twitter.com/HWFUgAcL9e
— New Day (@NewDay) March 25, 2015
Казнев рече дека треба да се анализираат сите можни причини за падот на авионот, но дека во можните сценарија за несреќата не е вклучен терористички напад.
Во текот на денот, на местото на несреќата треба да пристигне францускиот претседател Франсоа Оланд, германската канцеларка Ангела Меркел и шпанскиот премиер Маријано Рахој.
Шпанија прогласи тридневна жалост поради загинувањето на 45 Шпанци, кои биле во авионот. Покрај нив, во авионот имало 67 Германци, меѓу кои 16 тинејџери, кои се враќале од ученичка размена, двајца Австралијци, двајца Колумбијци и најмалку еден Белгиец. Копенхаген и Буенос Аирес соопштија дека во авионот имало еден Данец и двајца Аргентинци, додека Мексико верува оти на летот имало тројца Мексиканци. Лондон, исто така, соопшти дека можно е на авионот да имало и Британец, додека Токио утринава објави дека на пописот на патници имало двајца Јапонци кои живееле во Дизелдорф.
„Ербас А320“ се урна на летот од Барселона кон Дизелдорф, при што загинаа 150 патници и членови на екипаж. Авионот еден ден претходно бил приземјен поради технички дефект на вратите кои ги затвораат предните тркала. Сепак, според портпаролот на „Луфтханза“, проблемот бил решен и авионот можел да полета.