Македонија Приведени две лица кои сакале да градат нелегален паркинг кај поликлиниката „Бит...

Приведени две лица кои сакале да градат нелегален паркинг кај поликлиниката „Бит пазар“

По наредба на јавен обвинител, одземена е градежната машина, додека во тек е кривична пријава против двете лица

Фото: МВР

Две лица се приведени во врска со обидот за узурпација и диво градење зад поликлиниката „Бит пазар“, информираше денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Тој рече дека случајот бил пријавен синоќа по 19 часот, а полицијата реагирала веднаш. По наредба на јавен обвинител, одземена е градежната машина, додека во тек е кривична пријава против двете лица, за две дела – узурпација и нелегална градба.

„Никој не може да ја нарушува сопственоста, независно дали се работи за државна или приватна. Пријавено е во полиција, излезено е на лице место, приведени се две лица од Скопје и притоа е известен јавниот обвинител по чија наредба е одземена градежната машина“, рече министерот Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање по одржувањето на дефилето „Јас внимавам и безбедно возам“.

Порталот „Сакам да кажам“ утрово објави дека две лица вчера попладне со багер ја урнале оградата на поликлиниката „Бит пазар“ и во дворот почнале со градежни активности за изградба на паркинг.