Македонија Приведени четворица припадници на Левица поради протест

Приведени четворица припадници на Левица поради протест

Полицијата приведе четворица членови на партијата Левица кои вчера протестираа на плоштадот во Скопје додека се одржуваше презентација на воената опрема на САД и на АРМ.

Приведените демонстрантите, кои носеа транспарент на кој пишуваше: „Против војната за профити!“, веднаш биле пуштени од полиција.

Гоце Марковски од Левица, кој беше еден од приведените, соопшти дека полицијата насилно ги привела.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, од друга страна, на својот профил на „Фејсбук“ напиша дека не станува збор за приведување, туку за легитимирање.

„Во врска со објавите на социјалните медиуми за приведување на лица кои протестирале, сакам да информирам дека немаше случај на приведување. Истовремено сакам да ве информирам дека ќе бидат проверени сите информации за евентуална употреба на сила врз граѓаните кои протестирале. Детално ќе се испита случајот и ќе има соодветна информација за јавноста “, напиша Спасовски.