Македонија Приведен скопјанец кој лажно пријавил обид за грабнување малолетничка

Приведен скопјанец кој лажно пријавил обид за грабнување малолетничка

Скопјанецот признал дека го измислил настанот, водејќи се од лажните објави кои деновиве се споделуваа на социјалните мрежи за наводни киднапери

Фото: МВР

Лишен е од слобода 53-годишен скопјанец поради лажно пријавување, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР). Вчера околу 19 часот, тој во СВР Скопје пријавил дека наводно во главниот град, две лица со комбе „мерцедес“ се обиделе да грабнат малолетничка, но не успеале.

По добиената пријава, полицајците утврдиле оти станува збор за лажно пријавување и дека обид за киднапирање воопшто немало.

„Вчера (16.11.2023) полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Џ.Г. (53) од Скопје поради лажно пријавување. Имено, вчера околу 19 часот Џ.Г. во СВР Скопје пријавил дека наводно во Скопје две лица со комбе „мерцедес“ се обиделе да грабнат малолетничка, но не успеале. Веднаш по добиената пријава, полициски службеници преземале соодветни мерки и активности и утврдиле дека пријавата е лажна односно нема таков случај“, соопшти МВР.

По извршениот службен разговор, скопјанецот признал дека го измислил настанот, водејќи се од лажните објави кои деновиве се споделуваа на социјалните мрежи за наводни киднапери.

Во консултација со јавното обвинителство, 53-годишниот Џ.Г. е лишен од слобода и против него ќе биде поднесена соодветна пријава.