Македонија Приватните превозници утре со протест пред ЈСП ќе си ги бараат парите

Приватните превозници утре со протест пред ЈСП ќе си ги бараат парите

Фото: Мета.мк

Приватните автобуски превозници кои до неодамна ги одржуваа градско-приградските линии од скопскиот јавен превоз за утре од 9 часот најавија одржување на протест пред седиштето на ЈСП-Скопје во Автокоманда. Тие очекуваат средба со директорот на ЈСП, а нивното барање е да им се исплати долгот којшто ЈСП-Скопје го има кон приватните превозници.

„Макекспрес“ и „Слобода превоз“ кон крајот на минатата година побараа исплата на долгот од 1,5 милиони евра што го има кон нив ЈСП-Скопје за одржувањето на градско-приградските линии. Автобуските превозници веќе во ноември лани престанаа да сообраќаат на градско-приградските линии поради долгот, по што како израз на револт блокираа и сообраќајници во центарот на Скопје кон крајот на ноември и почетокот на декември минатата година.

Градот Скопје ги раскина договорите со „Макекспрес“ и „Слобода превоз“, по што во декември лани распиша нови јавни повици за пронаоѓање на заинтересирани превозници што би ги одржувале дел од градско-приградските линии во Скопје, но повиците пропаднаа кон средината на јануари годинава поради тоа што никој не се пријави.

Во меѓувреме, градско-приградските линии на кои до неодамна сообраќаа приватните автобуски превозници се одржуваат со автобуси и возачи на ЈСП-Скопје.