Хроника Притворен албански државјанин осомничен за шверц на 24,5 килограми марихуана

Притворен албански државјанин осомничен за шверц на 24,5 килограми марихуана

Кумановското јавно обвинителство донело наредба за спроведување истражна постапка против албански државјанин, во чиј автомобил на граничниот премин Табановце, завчера биле пронајдени 24,5 килограми марихуана.

Албанскиот државајнин, како што информираат од јавното обвинителство, се товари за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, од член 215, став 1 од Кривичниот законик.

„На 12 октомври, на граничниот премин Табановце при излез од Република Македонија, при извршена контрола на патничко моторно возило, царинските службени лица пронашле 24,5 килограми наркотична дрога – марихуана. Дрогата, спакувана во пакувања со различни големини, била сместена во касета и во специјално направен бункер на подот од возилото“, стои во соопштението на обвинителство.

Вчера, јавниот обвинител што го води случајот извршил распит на осомничниот, кој, како што информираат оттаму, делумно го признал делото за кое се товари.

На барање на обвинителот, судија на претходна постапка на албанскиот државјанин му одредил притвор од 30 дена.