Македонија Притвор за петмина од уапсените во полициската акција „Молња“

Притвор за петмина од уапсените во полициската акција „Молња“

Судија на претходна постапка на петмина од вкупно седуммината осомничени што денеска беа уапсени во полициската акција „Молња“, им одредил притвор од 30 дена, а на другите двајца – мерка куќен притвор, соопшти попладнево Основниот суд Скопје 1.

Осомничените се товарат за помагање терористичка организација и тероризам, а еден од нив и за недозволено изработување, држење и тргување со распрскувачки материи.

„Судијата на претходна постапка по разгледување на фактите и на доказите приложени во предлогот на обвинителството за определување мерки за обезбедување и за сослушување на приведените, утврди дека се исполнети условите што произлегуваат од одредбите од Законот за кривична постапка и донесе решение со кое на пет лица им определи мерка притвор во траење од 30 дена, а на две лица – мерка куќен притвор“, стои во соопштението од судот.

Како што соопшти Министерството за внатрешни работи претходно, осомничените дејствувале како соработници и логистика на криминално-терористичката група од Диво Насеље во Куманово, но не учествувале директно во нападите од 9 и од 10 мај годинава.