Главна секција Прислушувањето го топи митот за ВМРО-ДПМНЕ

Прислушувањето го топи митот за ВМРО-ДПМНЕ

Аудиоснимките што ги објави претседателот на СДСМ, Зоран Заев, фрлија нова светлина врз јавно распространетото мислење за имиџот на партијата ВМРО-ДПМНЕ, како стабилна, цврста партија, во која сите се сплотени и еднакво ангажирани околу дејствувањето и практицирањето на власта.

Имиџот на партија која е енергична и единствена, според аналитичарите, пак, со последните објавени разговори, каде со погрдни зборови (копиљ, идиот, исфрустрирани, сељак, ѓубре, говеда, лигуши, крлежи…) се посочуваат функционери и јавни личности, само ја демистифицираа власта дека работи по принципот „еден за сите, сите за еден“.

Во разговорите што ги објави Заев, министерот за финасии, Зоран Ставрески, за колегата, министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, вели дека е „едно од најголемите копилиња“, придавајќи му и епитети како „сељак“, „тежок сељак“ и упатувајќи пцости на негова сметка.

Во еден дел од разговорите, Ставрески со слични зборови го „почестува“ и градоначалникот на Битола, Владимир Талевски, кого со министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, го нарекуваат „сељак“, „лош актер“ и слично.

Аналитичарот Владимир Божиновски не верува дека со ова се нарушува имиџот на ВМРО-ДПМНЕ.

– Не треба да се избрзува со заклучоци. Првин треба да се види дали тоа за што е разговарано, а е објавено преку прислушувани муабети, се остварило или имало некаков проблем. Ако сето тоа влијаело за крајната цел да се оствари тоа за што се разговарало, не гледам зошто би паѓал некој мит. Времето покажало дека работите се реализирале, а не дека запреле. Затоа и не гледам зошто и како би се нарушил имиџот на ВМРО-ДПМНЕ – вели Божиновски.

Професорката Билјана Ванковска тврди дека никогаш немала став дека ВМРО-ДПМНЕ има имиџ на сплотеност, чесност и на работливост.

– Она што нашата политичка наука и досега го тврдеше, а кое сега е емпириски докажано, е дека демократија нема затоа што ни партиите што ја оживотворуваат не се демократски средини. Концептот на султан-партии одамна може да се прочита во моите трудови и анализи. Степенот на внатрешна дисциплина, безпоговорност пред лидерот, неговата моќ да одлучува за позиции и за судбини, а немање внатрешна демократска контрола – доведува до ова, ама не само кај ВМРО-ДПМНЕ. Мислите другите партии се поинакви? Да, јас никогаш не сум верувала во приказни за мали деца, па затоа и сега не можам „да се трескам од земја“ и да зборувам за шокираност и за згрозеност. Ова е жнеење на тоа што е посеано, а ако во партијата нема демократија, таа не може ни да биде промотор на демократски амбиент и на водење политика во целото општество – ни изјави Ванковска.

Според Стево Пендаровски, професор и кандидат на СДСМ за претседател на државата, митот на ВМРО-ДПМНЕ е паднат уште по првата прес-конференција на Заев.

– Во разговорите помеѓу клучните министри, за внатрешни работи и за финансии, се открија сите пукнатини на власта затоа што Ставрески му е кум на премиерот Никола Груевски, а Јанкулоска важи за негов најблизок соработник. Со овие разговори се потврдува дека во власта одлучуваат само двајца – Груевски и неговиот братучед, директорот на УБК, Сашо Мијалков – а другите биле извршители. Веќе го нема тој мит. Можеби Груевски од 2006 до 2009 година владеел со реална поддршка од народот, но потоа сè е само пропаганда. Ако немаше таква пропагандна машинерија како што има ВМРО-ДПМНЕ и притисоци, во 2011 година немаше да победат на избори – вели Пендаровски за новинската агенција „Мета“.