Македонија Припадниците на ЛГБТИ+ заедницата се соочуваат со социјална исклученост и говор на...

Припадниците на ЛГБТИ+ заедницата се соочуваат со социјална исклученост и говор на омраза

Учесниците и поддржувачите на „Скопје Прајд“, порачаа дека како и другите паради на гордоста, ова е празник на љубовта и невидливоста на маргинализираните и повод за славење на нивната борба за еднаквост

Фото: Мета.мк

Под силно полициско обезбедување, со музика, стотици граѓани учествуваа на четвртата Парада на гордоста во Скопје, која се одржа синоќа, а започна во паркот „Жена борец“ кај Собранието. Нарушена телесна автономија, говор на омраза и социјално исклучување, се само некои од проблемите со кои се соочуваат припадниците на ЛГБТИ+ заедницата и трансродовите луѓе во Македонија, порачаа учесниците на парадата.

Фото: Мета.мк

Освен граѓани и активисти за човекови права, присуствуваа и гости од странство, а настанот го поддржаа дел од политичар(к)ите од власта и голем број странски амбасадори во земјава.

Лила Милиќ, трансродово лице, кажа дека ја нарекуваат „болна“ и „неморална“ и ѝ посакуваат смрт.

„Не го препознаваат мојот родов идентитет, постојано ми се закануваат и ме исмејуваат. Многупати досега сум поднела кривична пријава и сум побарала заштита, но Обвинителството и полицијата ништо не преземале. Пораката од институциите до мене е јасна – мојот живот и животот на трансродовите лица не е подеднакво вреден за заштита“, вели Милиќ.

Учесниците и поддржувачите на „Скопје Прајд“, порачаа дека како и другите паради на гордоста, ова е празник на љубовта и невидливоста на маргинализираните и повод за славење на нивната борба за еднаквост.