Македонија Претседателот Пендаровски го врачи мандатот за состав на преодна Влада

Претседателот Пендаровски го врачи мандатот за состав на преодна Влада

Џафери ќе биде мандатар на техничката влада, која треба да биде избрана во недела на 28 јануари

Фото: Кабинет на претседател на РСМ

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, врз основа на член 84 од Уставот, а во согласност со член 43 од Законот за Владата, денеска му го врачи мандатот на Талат Џафери.

„Врз основа на член 84, алинеа прва од Уставот на Република Северна Македонија, а во согласност со член 43 од Законот за Владата на Република Северна Македонија и предлогот на најголемата политичка партија што го формира владиното мнозинство, за мандатор за состав на преодната Влада за спроведување на избори на пратеници, го определувам господинот Талат Џафери“, изјави претседателот Пендаровски.

Џафери ќе биде мандатар на техничката влада, која треба да биде избрана во недела на 28 јануари.

Јован Митрески, досегашен координатор на пратеничката група на СДСМ, пак, ќе биде претседател на Собранието до изборот на нов состав на Парламентот по изборите на 8 мај.

Тој денеска беше избран со 64 гласови „за“ и 40 „против“ и даде свечена заклетва во Собранието.

Собранието денеска ги констатира оставките на премиерот Димитар Ковачевски и на Џафери, а двајцата не го искористија правото да ги образложат оставките.

До недела на полноќ (28 јануари), Македонија треба да добие трета преодна влада која ќе ја предводи Џафери. Техничка Влада се бира 100 дена пред парламентарните избори на 8 мај, а две недели претходно, на 24 април, ќе се одржат претседателските избори.