Македонија Претседателот на Уставниот суд до полицијата пријави закани по живот на судии

Претседателот на Уставниот суд до полицијата пријави закани по живот на судии

Поради сериозноста на упатените јавни закани и повици за насилство, Судот очекува надлежните органи професионално и навремено да ги преземат сите неопходни мерки

Фото: Уставен суд

Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, денеска поднел пријава до Министерството за внатрешни работи, за упатени закани по животот и безбедноста на судии на Уставниот суд, информираа од судот.

Пријавата е поднесена поради директно упатени закани кон судија односно судии поврзани со постапување по конкретен предмет од страна на Судот.

„Претседателот Костадиновски најостро ги осудува ваквите закани упатени до судиите, истакнувајќи дека во едно демократско општество, вакви и слични закани претставуваат напад врз интегритетот на Уставниот суд, но и директен притисок врз независното и самостојно одлучување на сите судии“, се вели во соопштението на Уставниот суд.

Поради сериозноста на упатените јавни закани и повици за насилство, Судот очекува надлежните органи професионално и навремено да ги преземат сите неопходни мерки и активности за расветлување на овој, но и слични закани кон судиите.

Пред повеќе од еден месец, претходничката на Костадиновски, Добрила Кацарска, во полиција пријави дека добила закани по својот живот, откако во нејзиното гаражно место пронашла импровизиран кревет и кујнски нож, кој бил забоден на прекинувачот за светло.

Закани кон претседателката на Уставен: Импровизиран кревет и кујнски нож во гаражата на Кацарска