Македонија Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел утре доаѓа во Охрид

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел утре доаѓа во Охрид

Фото: Европски парламент European Parliament, CC BY 2.0, Викимедија комонс

Во пресрет на Преспа Форумот за Дијалог, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, ќе го посети Охрид од 15 до 16 јуни, соопшти Делегацијата на ЕУ во Скопје. Во оваа прилика, претседателот Мишел ќе се сретне со претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски. Тој ќе има средба и со премиерот Димитар Ковачевски, на која ќе учествува и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. Претседателот Мишел ќе присуствува и на вечера приредена од претседателот Пендаровски во присуство на спикерот Талат Џафери и други високи претставници.

Посетата на претседателот Мишел ќе започне во 18.10ч. на пристаништето во центарот на Охрид каде што ќе му биде презентирана опремата за планинско спасување на Црвен крст Охрид од персоналот и волонтерите на Службата за спасување на планина.

Ова служба беше основана во 2018 година со поддршка од ЕУ во вредност од речиси 1 милион евра за да се зајакне туристичкиот и економскиот капацитет на прекуграничниот охридско-преспански регион преку овозможување безбедна инфраструктура за зимски авантуристички патувања во согласност со препораките на УНЕСКО за регионот заштитен како светско природно наследство.

Оттаму, претседателот Мишел ќе прошета низ стариот дел на Охрид и ќе има можност да се запознае со дел од богатото културно наследство на Охрид, како и со другата поддршка од ЕУ за земјата.

Претседателот Мишел и претседателот Пендаровски ќе одржат прес-конференција на 16 јуни во Вила Билјана. Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија ќе ги поканат медиумите да го проследат настанот.