Економија Претседателот Иванов на средба со првите луѓе на банкарскиот сектор

Претседателот Иванов на средба со првите луѓе на банкарскиот сектор

Претседателот Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со гувернерот на Народната банка, Димитар Богов, и со раководните структури на банкарскиот сектор.

На средбата, беа разменети мислења и информации за актуелните случувања во економијата, претприемништвото и за банкарскиот сектор. Соговорниците разменија мислења и за импликациите на светската економска криза врз стабилноста на банкарскиот систем, како и за влијанието на внатрешната политичка состојба, бегалската и мигрантската криза врз севкупната економска политика.

Посочувајќи ги улогата и значењето на банкарскиот систем за економскиот пораст на земјата, претседателот Иванов истакна дека единствено стабилниот финансиски систем може да доведе до зајакнување на довербата на економските субјекти. Во таа насока, претседателот ги поздрави мерките преземени од Народната банка, како и севкупната банкарска регулативна мерка, која придонесе банките успешно да се справат со ризиците во периодот на кризата.

Раководните структури на банките го информираа претседателот Иванов за нивните активности, за можностите за понатамошно олеснување на пристапот до кредити, како и за постигнатите резултати и за придонесот во конкурентноста на македонската економија.

Покрај условите за кредитирање, македонскиот претседател им порача на претставниците на банкарскиот сектор, дека не смеат да го запостават и штедењето на населението како значаен извор на финансирање на банките. Претседателот Иванов, посочи дека банкарскиот сектор мора да најде начин за понатамошна поддршка на стопанството, особено на иновативните идеи и бизниси на младите претприемачи.