Свет Европа Престанете да сонувате за исфрлање на јагленот до 2030 година, вели германски...

Престанете да сонувате за исфрлање на јагленот до 2030 година, вели германски министер

Во коалицискиот договор, германските социјалдемократи, Зелените и либералите се договорија за идеалната рамка за исфрлање на употребата на јагленот да се намали од првично предвидениот период 2038 на 2030 година

Фото: Мета.мк

Германскиот министер за финансии Кристијан Линднер ја стави под знак прашалник способноста на Германија за фазно исфрлање на јагленот како енергетски извор до 2030 година, цел којашто беше поставена во договорот на владејачката германска коалиција пред две години, пишува германската новинска агенција ДПА.

„Сè додека не е јасно дека енергијата е достапна под пристапни услови, ние треба да престанеме со сонувањето за фазно исфрлање до 2030 година“, изјави министерот за интервју во германски весник во вторникот.

Во коалицискиот договор, германските социјалдемократи, Зелените и либералите се договорија за идеалната рамка за исфрлање на употребата на јагленот да се намали од првично предвидениот период 2038 на 2030 година.

Линднер бара Германија да се сконцентрира многу повеќе на домашните извори на природен гас, чие производство мора да се интензивира.

Истовремено, проширувањето на употребата на обновливата енергија мора да се направи што е можно побрзо.

Запрашан за тоа дали на Германија и се неопходни нови наоѓалишта на гас како алтернативна опција, овој либерален политичар вели дека допрва ќе се одговори на тоа прашање, но и додава оти прашањето е како да се дојде до тоа на ефикасно ниво во пазарна економија, а притоа сметките за струја да не растат во иднина.