Македонија Премиерот Заев заедно со Ципрас денеска ја примија Меѓународната награда за мир...

Премиерот Заев заедно со Ципрас денеска ја примија Меѓународната награда за мир на Вестфалија

Фото: Влада на РСМ

„Ако Договорот од Вестфалија од 1648 година беше пресвртница, бидејќи со него започна развивањето на капацитетите на Европа да живее со верските различности, Договорот за Преспа е пресвртница за нашиот регион“, истакна македонскиот премиер Зоран Заев на церемонијата на доделувањето на Меѓународната награда за мир на Вестфалија, која денеска му беше врачена нему и на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас во Мунстер, Сојузна Република Германија.

Меѓународната награда за мир на Вестфалија им оддава почит на личности или претставници на држави и групи кои се особено посветени на европската интеграција и мирот во Европа, информираат од владината прес-служба.

Во своето обраќање на церемонијата во чест на добитниците на наградата, премиерот Заев се заблагодари и нагласи дека огромна чест и привилегија е што неговото, и името на неговиот пријател Алексис Ципрас, ќе бидат додадени на долгата листа на добитници на оваа награда, заедно со познати имиња како што се Вацлав Хавел, Хелмут Кол, Валери Жискар Дестен, Кофи Анан, Хелмут Шмит, екипажите на Меѓународната вселенска станица, трите балтички држави Естонија, Латвија и Литванија и други.

Премиерот Заев рече дека како што Вестфалскиот договор не зборува само за мир, туку и за пријателство, така и во суштината на Договорот од Преспа лежи пријателството меѓу Република Северна Македонија и Грција содржано во Преспанскиот договор од 17 јуни 2018 година.

Со овој договор, рече премиерот Заев, се стави крај на спорот и долготрајната разлика што крена ѕидови, што ги отежна соседските односи меѓу Северна Македонија и Грција и ги блокираше перспективите од клучен стратешки интерес за нашата земја, за регионот и за евроатлантските структури.

„Иднината беше идеја водилка во текот на целиот процес. Двете страни го прифатија компромисот како пријателство и грижа за интересите на вашиот политички партнер од другата страна, како и за вашите сопствени интереси. Тоа пријателство беше важно за да се создаде атмосфера во која отворено разговаравме за сите прашања, дури и кога се чинеше дека нема решение“, нагласи Заев на церемонијата.

Претседателот на Владата Заев дополни дека заедно со тогашниот негов колега Ципрас избрале да најдат решение без одложување.

„И јас и Алексис сме целосно свесни дека ја ставивме нашата политичка кариера во ризик. Оваа цврста определба, подготвеноста да ги жртвуваме сопствените политички кариери во име на иднината не поврза и не водеше низ процесот. Избравме да оставиме решенија како траги зад нас. Решенија за нашите граѓани и за нашите општества и дојдовме до решение кога сите тврдеа дека е невозможно“, потенцираше Заев.

Поранешниот премиер на Грција Алексис Ципрас во своето обраќање истакна дека Меѓународната награда за мир на Вестфалија што оваа година ја дели со премиерот Заев е награда за граѓаните на двете земји кои сега соработуваат и заеднички инвестираат во иднината на двете земји и во иднината на регионот.

Ципрас додаде дека Брисел има обврска и мора да го поддржи Договорот од Преспа целосно и да ги испорача ветувањата како што Северна Македонија ги испорача сите свои обврски поврзани со процесот за интеграцијата во ЕУ.