Македонија Премиерот Ковачевски го честиташе 1 Мај

Премиерот Ковачевски го честиташе 1 Мај

Фото: Влада на РСМ, 15 ноември 2022

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска на сите граѓани им го честиташе 1 Мај- Меѓународниот ден на трудот. Тој изрази огромна почит кон сите кои со својот труд обезбедуваат стимул и развој на нашата држава, и во услови на најголемата економска и енергетска криза во изминативе децении.

Премиерот Ковачевски во првомајското обраќање зборуваше и за решенијата на Владата во однос на работничките права.

„Системските решенија до кои дојдовме преку социјалниот дијалог дадоа резултат и го зацврстија партнерството и со синдикатите и со сите засегнати страни. Токму затоа, денес, минималната плата е над 20.000 денари, што е зголемување од 100% во однос на 2016 година. Предвремено го исполнивме ветувањето за просечна плата над 500 евра, а и ги зголемивме платите во образование, во здравство и во безбедносните сектори“, рече Ковачевски и нагласи дека земјава веќе не е дестинација со евтина работна сила.

Тој вели дека сега отвораат нови, добро платени работни места, а минатата година е заокружена со нови инвестиции од над 430 милиони евра нови инвестиции и 2.300 нови работни места. Ковечавски го спомена и најновиот проект за изградбата на Коридорите 8 и 10-д, кои треба да овозможат нови 8.000 работни места, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП за два отсто годишно во наредните пет години.